Фото: ЕПА

НОВ ГЕОПОЛИТИЧКИ ПОТРЕС И ТЕСТ ЗА ЕДИНСТВОТО НА ЕУ

  • Нонпејперот што Русија го ставила на маса на преговорте во Абу Даби го повикува НАТО да се врати на границите од 1997 година, што значи десетина земји треба да станат неутрални, а меѓу нив и Македонија. Секако дека ова е голем шок, а зарем и војната не е, но и стрес за ЕУ и за цела Европа

Еден нонпејпер доставен од Русија на преговорите во Абу Даби, каде што беа седнати претставниците на Америка, Русија и на Украина, предизвика серија земјотреси меѓу членките во ЕУ. Потресот ги зафати и најмирните и најпасивните краишта на Европа. За такво нешто постојат многу причини, а историјата вели – навратете се во минатото и ќе ги добиете одговорите. Првин за сериозните последици од нонпејперот, за кој „Њујорк тајмс“ тврди дека е автентичен – еврокомесарката за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, Естонка, во моментов е исклучена токму од ЕУ како иден преговарач во име на ЕУ, а ќе треба да се преговара иднината на Европа. За „Нова Европа“. Ова е јасен показател дека постојат сериозни пукнатини внатре во ЕУ. Затоа ЕУ создава таканаречена група Е5 плус Велика Британија, односно најсилните земји ќе испратат свои емисири и тие ќе ја решаваат судбината на другите 22 членки, па и на другите сателити околу Брисел. Ако Русија, сепак, го дозволи тоа.

ОД ЈАЛТА ДО КЕБС

Што вели историјата? Клучниот прескок за Европа е по Втората светска војна, по самитот на тројцата лидери (кралеви) на Јалта. Рузвелт (САД), Черчил (Англија) и Сталин (СССР), кои ги договараат сферите на интерес на новиот свет, а тој нов свет ќе добие нова светска организација што ќе се грижи за глобалниот мир – Друштвото на народите ќе стане Обединети нации со најмоќното тело – Советот за безбедност. Од пеплиштата на војната, која почна токму во Еврпа, се роди новиот свет. Свет во мир. Иако само на хартија, но Европа се создаде како нов мировен проект, а сега гледаме дека некои нешта се забораваат. И тоа најважните – принципите.
Зацврстувањето на мирот во Европа се бетонира со создавањето на КЕБС, Конференција за европска безбедност и соработка, иако со задоцнување, затоа што СССР уште во 1954 година предложи создавање организација што ќе го контролира мирот со тоа што ќе врши контрола на конвенционалното оружје, но таа идеја се заокружи во 1975 година со завршниот Хелсиншки акт. Меѓу потписничките за создавање на КЕБС беше и СФР Југославија, што значи и Македонија. КЕБС се заокружи како организација во 1995 година со ново име ОБСЕ (Организација за европска безбедност и соработка), но и со многу проширен мандат, како што се човековите права и изборните процеси. Сепак, во суштина, токму ОБСЕ беше организацијата што требаше да го контролира балансот на силите во Европа и да спречува конфликти, а гледаме дека денес Русија преку нонпејперот бара нова безбеносна архитектура на континентот.
„Нова Македонија“ со свои анализи повеќепати истакнуваше дека е нарушен балансот на силите во Европа, дека токму ОБСЕ потфрли во превенцијата од конфликти и дека очигледно зазема страна, а тоа донесе катастрофални последици за континентот, но и пошироко, особено во граничните азиски држави. Сѐ поизразената криза во ОБСЕ дојде до израз кога Русија излезе од Договорот за конвенционалните вооружени сили во Европа на 7 ноември 2023 година. Главната причина за таквиот драстичен потег ја образложи со обвинение до САД и НАТО дека ја поткопале безбедноста во Европа преку проширувањето на Алијансата на Исток. Западните сојузници, пак, возвратија обвинувајќи ја Москва дека со години не ги почитувала обврските од договорот. Сосема е јасно дека токму Украина беше и е нуклеарниот потенцијал што ако оди кон конечна експлозија, ќе донесе европска апокалипса.

УКРАИНА КАКО ВЛЕЗ КОН ЕВРОПСКАТА АПОКАЛИПСА

Историскиот пресек вели дека во Украина ги имаме сите елементи на политички игри, геополитички интереси, апетити и историски нерасчистени сметки што се пат кон тотална војна. И големи лаги и перфидност. За Москва и нејзините геополитички интереси беше неприфатливо кршењето на зборот даден од Америка дека НАТО нема да се шири на исток, ветување што е прекршено. Вториот момент е токму за Украина и минирањето на договорите Минск 1 и 2, со кои требаше да се стави крај на војувањето во Донбас, за кои германската канцеларка Ангела Меркел кажа дека тие преговори биле само купување време за да се зајакне воено Украина. И затоа Европа дојде до каде што дојде – да се бара нова безбедносна архитектура, затоа што старата е урната. Денес Украина е полигон за тестирање секакви оружја. И кој го контролира тоа создавање милитантно чудовиште и против кого утре тоа може да биде употребено, освен се разбира, против Русија? Да се разговара за иднината на континентот во Абу Даби (не Париз, Берлин или Лондон) и да нема место во преговорите за некој од ЕУ е многу јасна порака до бриселскиот естаблишмент. Меѓутоа, многу работи можат да бидат појасни од следниов четврток кога во Кина се очекува средба на тројцата нови кралеви – Трамп (САД), Путин (Русија), Џинпинг (Кина). Дали во новата Јалта ќе нема место за Европа?!
Овој краток осврт ни покажува дека сегашната состојба во многу нешта наликува на она што Европа веќе го поминала, а, за жал, лекцијата не ја научила, па дури е и полошо отколку во времето на Студената војна, а повеќе е слична на кризата од пред избувнувањето на Втората светска војна. Така, сега на маса е ставена идејата за создавање нова безбедносна архитектура на Европа, но и пошироко кон Евроазија. Тоа секако дека ќе значи и реформа на ОБСЕ, сакале или не, и овој процес ќе оди, и тоа неминовно, и со забрзани реформи на ОН. Да претпоставиме дека ова би се случило до 2030 година.

НЕКОИ ТОЧКИ ОД НОНПЕЈПЕРОТ НА МОСКВА

Москва како еден од главните услови во нонпејперот го поставува повлекувањето на НАТО во границите до 1997 година, а тоа значи дека во Алијансата нема да бидат Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Чешка, Словачка, Унгарија, Бугарија, Романија, Словенија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Македонија, како и последните членки Финска и Шведска. Дипломатски извори велат дека овој предлог на членките на НАТО им бил доставен пред почетокот на руско-украинскиот воен судир во 2022 година. Други клучни точки од докуменот: се забранува натамошно проширување на НАТО (Украина и Молдавија на пример), никакви воени активности во Украина или во Јужен Кавказ, Средна Азија и во Источна Европа, се бара забрана на поставување проектили од среден и поголем дострел и сите проблеми да се решаваат со дијалог преку Советот НАТО-Русија. Токму за оваа последна точка веќе е пуштена таа идеја од американска страна, значи се бара обновување на тој форум што функционираше од 2002 година, а официјално беше укинат во 2025 од Марк Руте, генералниот секретар на Алијансата.


Македонија мора да биде подготвена за сите можни сценарија

Вака како што во моментов е поставен предлогот од руска страна, сосема е јасна збрката во Европа затоа што континентот очигледно е ставен на крстопат. Дури и вклучувањето на некаква европска делегација во мировните преговори во моментов не гарантира излез од состојбата, затоа што тешко може да се замисли некој во Европа да ја погледне новата мапа предложена од Русија. Но ако ги следиме повнимателно процесите, станува очигледно дека НАТО се трансформира, а дури се можни и посериозни промени, особено што Европа се подготвува за создавање некое европско НАТО. Во тој случај, дијалогот во иднина би се насочил на контрола на оружјето, а неминовно ќе биде ставено на маса и прашањето со границите.
Македонија е во групата земји што се во сегашново НАТО, тангирани со рускиот нонпејпер од Абу Даби. Дали ќе тргува Брисел и дали и како би влегла Европа во редизајнирање на идната европска безбедносна архитектура? Ќе има ли компромиси за тоа?! Некој ќе праша: „Па зошто го менувавме името?!“ И тоа е сосема легитимно прашање, иако многу болно.
Името повторно станува важно прашање, затоа што влегуваме во фаза на создавање на нова Европа. ЕУ се создаваше од челик и јаглен. Сега идната Европа се создава од челик и оган на поприштата во Украина, но војната еден ден ќе запре. Идната Европа се создава и во рамките на геополитичките потреси што ја зафатија и кохезијата на членките на ЕУ. Некои процеси не зависат и нема да зависат од нас, но наше е да ги средиме домашните обврски за да бидеме подготвени за сите можни сценарија. Х.И.