Автор: Џејсон Гејл

Блумберг

Вакцината која се користи за спречување на туберкулоза им се дава на здравствени работници во Мелбурн за да се испита како ќе реагира на коронавирусот. Вакцината против бактеријата Калмет-Герин или Бе-се-же се дава повеќе од 100 години и многу се цени поради широкиот спектар на придобивки. Не само што е честа имунотерапија во раната фаза од рак на мочниот меур, туку исто така ја подобрува првичната одбрана на имунолошкиот систем за подобро да се бори против инфекции.

Со тоа што имунизацијата посебно насочена кон пандемијата од болеста ковид-19 нема да се случи во нареднава година, Светската здравствена организација (СЗО) смета дека е важно да се открие дали вакцината бе-се-же може да ја ублажи болеста кај заразените со коронавирус и да ги охрабри меѓународните групи да соработуваат во студијата на Најџел Куртис, шефот на истражувањето за заразни болести на Истражувачкиот центар „Мурдок чилдренс“ во Мелбурн.

– Таа може да го зајакне имунолошкиот систем за да даде подобра одбрана против широк спектар на заразни болести, како разни вируси и бактерии – изјави Куртис кој исто така е професор по детски заразни болести на универзитетот во Мелбурн и шеф на одделението за заразни болести во градската болница „Ројал чилдренс“.

Болничкиот персонал од околу 4.000 здравствени работници кои доброволно се пријавија да учествуваат од шестмесечното истражување во Австралија, по случаен избор ќе бидат вакцинирани против сезонски грип и туберкулоза, почнувајќи од денес. Плацебо вакцината нема да се покаже успешно во тестирањето, затоа што вакцината бе-се-же обично предизвикува локална реакција на кожата по која останува лузна и е јасно која група била вакцинирана против туберкулоза.

Слично истражување се прави во Холандија. Куртис во саботното интервју изјави дека дискутирал за можни локации за тестирање во други австралиски градови како и во Бостон. Иако евтината вакцина која се користи да се имунизираат околу 130 милиони новороденчиња годишно во светот, би можела да заштити поширока група на луѓе, приоритет имаат здравствените работници кои се најмногу изложени на ризикот да бидат заразени со коронавирусот додека се грижат за болните пациенти.

– Мораме да ги обмислиме сите можни начини за да ги заштитиме здравствените работници. Ќе има особено зголемена потреба да се намали нивното време на отсуство – вели Куртис.

Истражувањата кај новороденчиња во Африка покажаа дека вакцината бе-се-же заштитува од туберкулоза и други детски инфекции, веројатно затоа што го зајакнува вродениот имунолошки систем, а особено белите крвни клетки кои се борат против нетипични патогени, пред да се создадат антителата во организмот по неколку дена.
Примероци од крв се земаат на почетокот и на крајот од тестирањето, и ќе покажат кој бил заразен со коронавирусот, додека учесниците ќе ги запишуваат сите симптоми што ќе се јават во овој период. Комисијата за следење на податоци од истражувањето ќе ги прегледа резултатите по три месеци за да потврди дали функционира ваквиот пристап.

– Немаше да се занимаваме со ова ако не веруваме дека може да успее. Сепак, нема стопроцентни гаранции, а единствениот начин да дознаеме е преку тестирањето – тврди Куртис.

Превод: Билјана Здравковска