Активносите во земјоделството продолжуваат и покрај вонредната состојба во која се наоѓа државава поради коронавирусот. Се сервисираат услугите кон производителите, субвенциите редовно се исплаќаат и интензивно се работи на изнаоѓање решенија за сите новонастанати проблеми како што е извозот на јагнето, изјави министерот за земјоделство, шумарство и иводостопанство, Трајан Димковски, на денешната прес-конференција.
– Нашата држава се наоѓа во најтешкиот период и се соочува со најголемиот предизвик. Наша примарна задача е да го заштитиме јавното здравје. Состојбата е вонредна, но тоа не значи дека треба да сопрат земјоделските активности и работата на министерството и другите надлежни институции за сервисирање на услугите кон земјоделците – Истакна Димковски.
Тој уште еднаш нагласи дека има храна и оти нема простор за паника, како и дека целата прехранбена индустрија е мобилизирана.
Транспортот на стока не е забранет и ќе се одвива под посебни безбедносни протоколи. Од безбедносни причини, сточните пазари се затворени, а движењето на пратки со животни може да се врши само ако животните се правилно идентификувани и придружени со валиден сертификат за здравствена состојба на животните. Земјоделските производи на зелените пазари може да се продаваат, но само ако се почитуваат владините препораки во делот на одржувањето хигиена и пропишано растојание меѓу луѓето од еден метар.
Според министерот забраната за извоз на пченица е со цел да се спречи какво било нарушување на состојбите на пазарот и да се обезбедат доволни количини брашно.
МЗШВ интензивно работи и на изнаоѓање решение за откупот на јагнето, бидејќи шпицот е за околу 10-тина дена. МЗШВ е во постојана комуникација со министерствата за земјоделство од другите земји со цел размена на искуства и преземање мерки во агросекторот следствено на оние кои ги преземаат земјите-членки на ЕУ.