Музичка приказна
На почетокот на 20 век, во времето на забрзаниот развој на технологијата и науката, светот како да останал ускратен за духовното блаженство. Под влијание на филозофите Фридрих Ниче (1844 – 1900) и Артур Шопенхауер (1788 – 1860), како и на својот идол меѓу композиторите – Рихард Вагнер (1813 – 1883), рускиот композитор Александар Скрјабин (1871 – 1915) верувал дека музиката ја има моќта да го пополни духовниот јаз.
Носен од таа идеја, во 1904/1905 година почнал да пишува поема во која ги обработил „мистичните“ земски феномени – раѓањето, смртта, сексот. Првично насловена „Оргијастична поема“ (поради опсесијата на Скрјабин со поврзаноста меѓу мистицизмот и еротиката), требало да послужи како основа за неговата четврта симфонија. Но музиката што се изнедрила од поемата ја надраснала традиционалната рамка на симфонија и прераснала во грандиозна симфониска поема. Го добила конечниот, светски познат наслов „Поема екстаза“ и станала едно од највеличествените и најпопуларни дела на Скрјабин. Поемата е напишана за голем ансамбл. Иако по форма е едноставна, таа ја содржи традиционалната сонатна форма. И тука престанува поврзаноста со традицијата и воспоставените практики во компонирањето. Партитурата содржи низа забелешки за изведувачите што отстапуваат од општоприфатената стручна (музичка) терминологија: „парфимирано“, „со чувство на растечка интоксикација“, „со сензуално задоволство што станува сѐ поекстатично и поекстатично“. И музиката, како и хармониите во неа, се нови и иновативни. Во „Поема екстаза“ сѐ уште провејува влијанието на Вагнер, но со неправилната ритмичка пулсација, замаглената хармонија, мистичните мелодиски линии, Скрјабин го исцртал патот кон сопствениот стил.
Во програмчето за премиерата стоел следниов текст, одобрен од Скрјабин (во слободен превод): „Поемата екстаза е радост на ослободеното дејство. Космосот, т.е. духот, е вечно создавање без надворешно мотивирање, божествена игра на светови. Креативниот дух, универзумот, не е свесен за апсолутноста на сопствената креативност, потчинувајќи ѝ се на конечноста и создавајќи креативно средство за постигнување на целта. Колку е посилен пулсот на животот и колку е побрзо опаѓањето на ритмите, појасно станува дека духот е истоветен со креативноста. Кога духот ја достигнува врвната кулминација на својата активност и бива оттргнат од прегратката на телеологијата и релативноста, кога целосно ја исцрпува сопствената состојка и ја ослободува активната енергија, доаѓа времето на екстазата“.
Лада Шоптрајанова Петровска