Вотфорд, тимот што грчевито се бори за опстанок во Премиер-лигата, го декласира лидерот Ливерпул со 3-0, нанесувајќи му го првиот пораз сезонава по серијата од 18 победи во низа (Ливерпул го дели тој рекорд со Манчестер сити), што значеше и крај на непобедливоста долга 44 меча (39 победи, два пораза и едно реми). Претходниот пораз „црвените“ го претрпеа од Манчестер сити (1-2), на 3 јануари 2019-та, пред 422 дена. „Ливерпул си доби лекција. Дури и најдобрите тимови треба понекогаш да земат лекови, дури и најголемите може да паднат“, коментираат англиските медиуми.
Колку лошо играше Ливерпул против Вотфорд покажува и тоа дека првпат по 37 меча не даде гол (од март 2019 против Евертон, 0-0) и оти за 90-те минути упати само еден удар на противничкиот гол! – Не бевме доволно добри. Тие го направија она што сакаа да го сторат, ние не. Мора да го прифатиме поразот, иако не е пријатно и лесно, но тоа е доказ дека не бевме доволно добри. Ако победите тогаш е добро, но ако изгубите, треба да се обидете да го прифатите на вистински начин и направете го тоа достоинствено – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. Тимот предводен од Клоп е третиот премиерлигаш што не доживеал пораз повеќе од една година. Другите два тима се Арсенал, кој не загуби 49 меча во низа и сезоната 2003/2004 ја заврши без пораз, и Челси, кој не загуби 40 меча, од октомври 2004 до ноември 2005 година.