Вечерва, со почеток од 20.30 часот, во кафулето „Котур“, ќе се одржи филмска вечер, во организација на центарот „Данаил Станојески“ (академијата за филм „Даста“). Ќе бидат прикажани шест филма во продукција на „Даста“ на нови автори, и тоа: „Мојот татко“ и „13 мај“ на Ирма Башеска Ристовска, „Да се биде Максут“ на Нихал Бејадин, „Кукачот“ и „Ама јас те сакам“ на Загорка Поп-Антоска Андовска и „Услов“ на Даниел Шикоски. Најголемиот дел од овие филмови е продукт на мастерклас-програмата на Владимир Блажевски, со соработникот на сценариото Дејан Дуковски.
– Документарниот филм „Мојот татко“ го следи македонскиот скулптор Жарко Башески, испреплетувајќи ги творештвото и приватниот живот во своевиден конфликт, раскажан низ очите на неговата ќерка Ирма. „Да се биде Максут“ се занимава со животот на актерското семејство Максут низ три генерации актери, во три сосема различни времиња и контексти за работа, допирајќи афирмативно до мултикултурни и мултирелигиски теми. Играните филмови, пак, се занимаваат со актуелни и горчливи теми, особено значајни за младите, кои денес се соочуваат со екстремни емоции и комплицирани животни предизвици, кои честопати, за жал, остануваат премолчени – велат од „Даста“.
По проекциите, присутните ќе уживаат во музичката програма на Марко Николов од „Доминион ивентс“.