Улицата Даме Груев од ден на ден станува претесна за да ги прими сите возила што, избегнувајќи го метежот по улицата Димитрие Чуповски, сакаат побрзо да стигнат до семафорите кај македонското собрание. Оваа сообраќајница е најоптоварена во деновите кога е затворена за сообраќај делот од Димитрие Чуповски од автобуската постојка „Рекорд“ до Собранието. Во такви денови по малата уличка Даме Груев е пренасочен сиот автомобилски, но и автобуски сообраќај, а возилата не возат, туку лазат за да излезат од метежот, во кој многупати и заглавуваат. Би се рекло преполно како во кошница со пчели. Ова се случува често, бидејќи, како што велат скопјани, градот е блокиран речиси секој втор ден, а тоа за нив не е ништо друго туку мачно патување од едниот до другиот крај на градот во долгиот синџир од автомобили.
Патувањето тогаш се мери со часови. Ако оваа улица се користи алтернативно во вакви денови, тогаш и со право градот планира да ја прошири, па можеби едно булеварско решение ќе ги ублажи состојбите со метежот во сообраќајот. А можеби на Скопје му е потребно многу повеќе од едно алтернативно решение за пренасочување на сообраќајот. Сѐ со цел да се помине пократок пат и побрзо да се стигне.