Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Луиџи ди Мајо, министер за надворешни работи на Република Италија.
На средбата се констатираше дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба, како и одличен политички дијалог.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за досегашната јасна и безрезервна поддршка, којашто во континуитет и ја дава Италија на Македонија, во однос на нашите евро-атлантски интеграции и се заблагодари за ратификувањето на Протоколот за членство на земјата во НАТО во италијанскиот парламент.
Пендаровски истакна дека новата методологија за преговарање е прифатлива за Македонија, со цел да имаме ефективен процес на пристапување, со мерливи резултати и конкретни придобивки за граѓаните.
Претседателот подвлече дека за нашата земја е клучно што поскоро државите членки на ЕУ да се усогласат за методологијата и Македонија да добие датум за почеток на преговорите за време на хрватското претседателство со Европската Унија.
Двајцата соговорници на средбата разговараа и за економската соработка и инвестициите, како и за можностите истите во иднина да се интензивираат.