Австралиските власти во сојузната држава Викторија ќе преземат мерки за заострување на казните за убиство без умисла и ќе создадат ново кривично дело „убиство со огнено оружје“, пренесува австралиски „Сиднеј морнинг хералд“.
Новата криминална категорија е насочена кон мажите што ги убиваат партнерките и доаѓа како одговор на низата познати случаи во кои убијците избегнаа построга казна тврдејќи дека случајно ги застрелале нивните жртви. Тие добија полесни казни, откако беа осудени на убиство без умисла.
Три случаи кои придонесоа за менување на законот, што ќе биде претставен пред парламентот неделава, се однесуваа на мажи што ги убиле партнерките.
Новиот прекршок ќе носи максимална затворска казна од 25 години и стандардна казна од 13 години во согласност со другите облици на убиство без умисла.
Обвинителката Џил Хенеси посочи оти зголемените казни не се реакција на случајот на Борче Ристевски кој првично требаше да помине шест години затвор поради убиство без умисла на неговата сопруга Карен. Неговата казна беше продолжена од девет на 13 години со одлуката на Апелациониот суд во австралиската сојузна држава Викторија, врз основа на поднесената жалба од страна на Обвинителството поради изразената загриженост за траењето на казните за убиство без умисла.
Ристевски беше обвинет за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година.
Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Незадоволство од првичната пресуда изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и членовите на семејството на Карен, кои сметаа дека правдата не е задоволена. Обвинителството затоа одлучи да се жали на, како што посочи „јасно несоодветната казна“. М.Ж.