Европската комисија на петти февруари ќе излезе со одговор на предлогот за нова методологија за проширување што ја даде Франција.
Тоа, всушност, ќе биде одговор на францускиот нонпејпер од пред два и пол месеца, кој се однесува на новата методологија на проширување на ЕУ, од што директно се засегнати земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија.
– Комисијата излегува со свој предлог, кој всушност е одговор и на францускиот нонпејпер, но и на другите предлози што пристигнаа, како оној што го упати групата од девет земји-членки на ЕУ. Сето тоа би требало да биде сублимирано во еден документ за кој подоцна ќе дискутираат земјите-членки – наведува дипломатски извор запознаен со процесот на проширување на ЕУ.
Францускиот нонпејпер предизвика голема вознемиреност во јавноста во регионот, најпрво затоа што не беше јасно образложен, поради што земјите-кандидатки тоа го протолкуваа како крај на нивните европските амбиции, но и поради реално поинаквите критериуми за прием на земјите во Унијата.
Обновениот пристап, според францускиот предлог, би требало да се заснова врз четири принципи: постепено придружување, строги услови, конкретни предности и реверзибилност.
Откако Советот на ЕУ кон крајот на минатата година ја задолжи Европската комисија да изработи предлог за нова методологија за процесот на пристапување на земјите-кандидатки во ЕУ, во ЕК велат дека го финализираат документот и дека наскоро ќе биде претставен.
– Не сакаме да го менуваме проширувањето, туку да го унапредиме процесот – изјави портпаролката на ЕК, Ана Писонеро.