Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе биде поведена постапка за злоупотреба на службена дожност против ексминистерката Мила Царовска поради тоа што, како што велат, незаконски постојано биле именувани едни исти и несоодветни в.д. директори во центрите за социјална работа.
– Сите незаконски назначени в.д. директори го опструираат работењето на центрите со земање на ‘оркестрирани боледувања’ отворени во ист ден. Нестручните и некомпетентни партиски кадри на СДСМ биле вршители на должност спротивно на тогаш важечкиот член 187 став 2 од Законот за социјална заштита и за истото ќе биде поведена постапка за злоупотреба на службена дожност против тогашната министерка Царовска – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија тврди дека СДСМ именувале едни исти несоодветни в.д. директори и по неколку пати, иако член 187 став 1 од Законот за социјална заштита не го дозволува тоа. Партијата дополнително ја обвинува Царовска и дека направила промена на Законот за социјална заштита со цел нивно назначување.
– Целта на техничката Влада е да се спроведат фер и демократски избори, но лицемерието на СДСМ преку опструкција на нормалното функционирање на центрите директно влијае на нарушувањето на изборниот процес. Го повикуваме Зоран Заев да престане да ја опструира работата на Министерството, во интерес на граѓаните на Република Македонија. Ова е срамота, греота и целосно несфатливо однесување, а таквото однесување на СДСМ луѓето ќе го казнат на следните избори – додава ВМРО-ДПМНЕ.