Да нема недоразбирање, не сум видела ниту една епизода од познатата хумористична серија „Преспав“, иако стигнала до четврта сезона и доживеала значаен успех (откупена е за прикажување во Бугарија). Познаници (и познавачи) ми велат дека е добар телевизиски продукт. Но, ете, ниту имам интерес, ниту пак можам да ја надминам внатрешната блокада: серијата родена прекуноќ, среде длабока криза, би рекла – наменски, богато финансирана однадвор, ми остави впечаток на „политичко-културен-медиумски продукт за освестување“. Дури и во описот се вели дека станува збор за градење „европски вредности“. Можеби грешам, ама штом не следиш од почеток, потоа лесно го игнорираш постоењето на серијата (заедно со ТВ-дебатите). А чуму да гледам извештачена комедија, која не може ни да му се приближи на трагичниот хумор што секојдневно ни го нуди животот? Она што ни го приредува стварноста не може да го долови ниту најдобриот сценарист. Разбрав дека дејството на серијата се случувало кај Преспа, каде што, според легендите, Господ преспал, па заминал… Оттука и името. И навистина, уште во времето кога станавме светска вест и сите гледаа кон Преспа (Преспанскиот договор), жителите во околните села одбиваа комуникација со медиумите за она што им се случуваше под носот: помладите ја префрлаа топката кон постарите, а тие ја враќаа назад – прашајте ги помладите (иако од тој крај сѐ што било помладо и можело, одамна се отселило). Урнатините на некогашниот хотел „Европа“ се нем сведок на небиднината и на преспивањето на сопствената судбина.
Додека чекав да завршат празниците, размислував за резимирање на сето она што го преспавме (или преспиваме). Но тоа воопшто не е лесна задача, па затоа само кратка скица. На пример, мина точно една година откако се изгласаа уставните амандмани за промена на името – со поткуп, принуда, уцена (и сето тоа завиено и ставено под превез на „помирување“) – а од оваа перспектива сето тоа се чини како преклански снег. Како да сме го преспале, клекнале на брашно. А заедно со името, погребана беше и најмалата шанса за воспоставување правна држава. Но сега се зборува само за изборите, небаре најважната работа на светот, божем од нив почнува нешто ново… А годината, всушност, започна со „огномет“, кој навестува една од поопасните ери за човештвото. Ако првиот ден беше празничен на сите меридијани и во духот на добрите желби за среќа и мир, веќе вториот вистинско инферно ја зафати Австралија; третиот нѐ доведе на работ на светска војна по чинот на државен тероризам и акт на агресија извршен од САД. Четвртиот ден го видовме одговорот на Иран врз американските бази во Ирак, а веќе наредното утро како колатерална жртва загинаа стотина патници на цивилен авион што полета од Техеран. Светските медиуми набргу се преселија на друга локација: на свеченото пуштање во погон на гасоводот „Турски тек“, во близината на насмеаните ликови на Путин и Ердоган се туркаа за сликање Борисов и Вучиќ. Најпознатиот геополитички аналитичар Пепе Ескобар ова го дефинира како судир на Ступидистан и Пајплајнстан (т.е. како судир на силните и глупави наспроти оние што туркаат агенда на поврзување и соработка со енергетски коридори).
Што правеше македонската јавност овие денови? Ништо! Игнорираше сѐ што можеше да го расипе празничното расположение. Можеби затоа што навистина имаме причини да славиме и да сме среќни повеќе од другите? Полни трпези, замаени глави, прелевање на еден празник во друг, електронски честитки пратени по автоматизам без душа и мисла – удри бригу на весеље, би рекле Србите. Нашите медиуми си уживаа во празнична шема, па со ретки исклучоци или вести во траење од десет секунди, воопшто и не се занимаваа со темите од кои трепереше светот. Наместо тоа, на социјалните мрежи или водат војна или бараат заштита или се тужакаат. Ги преспаа најдраматичните настани, а божем сме излегле од изолација, сме станале дел на „меѓународното семејство“ и на „најмоќната воена алијанса во човечката историја“… а не гледаат дека Алијансата им е килава. За тоа време не само студијата на светските медиуми туку и на регионалните работеа турбо, со пренесување вести од миг во миг, со солидни анализи од компетентни и релевантни гости. Се разбира, голем дел од тој медиумски наратив беше (и е) со (гео)политичка заднина, затоа што во ваква хибридна војна (која е одамна во тек) битката на интерпретациите е она што се важи за формирање на јавното мислење и донесување на (наводно легитимни) политички и воени одлуки. Најдобар пример се лицемерството и крокодилските солзи за жртвите на авионската несреќа, која Иран ја призна како своја вина, но тоа не е доволно за оние што во една слична пригода, кога намерно урнаа цивилен авион, рекоа „не се извинуваме, ние сме од оние Американци што не се извинуваат“ и плус им дадоа медали за слуги на воените извршители.
Во еден миг, оние што преспаа сепак се разбудија. Слушајќи ја патетичната закана од (иден) амбасадор до Иран да не се задева со стратегискиот партнер на С Македонија, помислив дека ќе беше подобро да продолжеа со зимскиот сон. Министерот за надворешни работи е навистина во фокусот на вниманието, ама поради „трета (лична) среќа“, а не затоа што имаше што да каже за меѓународните случувања и нивните импликации врз Македонија. Претседателот славеше именден, па кратко порача дека нема што ние да му се думаме кога е тука НАТО да ни каже како да мислиме. Македонија може и десет пати да стане членка на НАТО или на која било друга (американска) алијанса, ама ќе си остане вејка на ветерот: неспособна дипломатска служба во хаос, никогаш немало ниту еден центар за стратегиски истражувања, нема тинк-тенкови ниту експерти за геополитика – впрочем, чуму геополитика кога самиот се нудиш да бидеш паричка за поткусурување во игрите на моќните? Некои малку се подразбудија кога ја видоа трасата на „Турскиот тек“ и Македонија како слепо црево наместо папокот на светот. Ова е место каде што Господ можеби преспал, ама веднаш потоа го заборавил.
Сепак, Македонија се буди – поради ракометот, кој ќе ни вшприца толку потребен адреналин во вените, колку да се чувствуваме живо и важно. И токму на почетокот на Европското првенство се случува настан што со сета своја драматика е многу поважен и поилустративен од сѐ друго… Мала и безначајна земја не може да смени многу во меѓународната политика, дури и ако ја разбира, но тоа не е изговор да мижи пред несреќата на своите граѓани. Ако досега веќе не сме ги заборавиле и/или „преспале“ сцените од „импровизираниот дом“ во Шуто Оризари, во кој се урна (импровизираниот) покрив и во кој изгореа две мали дечиња, редно е да се вклучи алармот на совеста. Дури и за држава-провизориум (каква што сме) ова е премногу. Буџетот за оваа година е најголемиот во историјата на државата, а богами и задолженоста е таква… Дечиња загинаа во импровизирана куќа, среде импровизирана држава, во која сѐ е поважно од животот на најзагрозените и најсиромашните. Нема НВО-активисти и протести, нема ни имињата да им се знаат. Така функционира структуралното насилство: убива тивко, постојано, преку неправедниот систем, кој издвојува повеќе за воени цели и за NATOME (NATO + Middle East), односно според зборовите на Трамп – за НАТО на Блискиот Исток (или каде веќе ќе затреба).
Дека не сме сами во ваквиот перверзен свет покажа ликот на Мицотакис на прес-конференцијата во Белата куќа: помал од маково зрно, молчи пред разгоропадениот Господар на прстените и само повремено со итрина ќе упадне да каже колку е Грција за соработка со САД и колку им е потребна нивната заштита (од Турција, се разбира). Слични се патетичните ликови на сите вазали од овој или други региони. Тие Злото го нарекуваат Добро! Ако некој се чуди како Хитлер дошол на власт (а потоа направил и меѓународна коалиција), нека погледне предизборен митинг во САД: хистерија, национализам, популизам и милитаризам избиваат од секоја пора на тоа општество! Смрди! Корне! И во овдешната предизборна кампања, во орвеловски стил, истата содржина се прикажува како борба за мир и демократија, рамо до рамо со нашиот стратегиски партнер! Војната е мир, мирот е војна. Пак, со ретки исклучоци (како Левица), мнозинството ќе се колне на верност – по цена на секое дете на кое покривот може да му се урне на глава поради сиромаштија и негрижа. Колку ние можеме да преспиеме (и нови сезони на „Преспав“ да продуцираме), тие не можат толку злосторства да направат.