Прилепчанецот Драгољуб Драги Башески пред извесен период ја објави книгата „Шест децении карикатура“, во која на 219 страници се објавени околу 220 карикатури создавани од 1957 до 2017 година. Сместени се ликови од различни области, кои му предизвикале интерес на Башески да ги овековечи во карикатура. Граѓани, ватерполисти, новинари, фудбалски тренери, политичари, уметници… се само дел од карикатурите пренесени во книгата во 19 дела. Според неговиот брат Јосиф Башески, ликовен педагог, Драгољуб Драги Башески длабоко навлегол во особеностите и цртите на поединците, истакнувајќи ги нивните карактеристики и особини што, секако, го води кон македонските врвни карикатуристи. Самиот наслов на книгата говори дека во неа има децениска средба со хуморот, односно со смешната страна на животот.
– Книгата нема текст. Објавени се околу 220 карикатури од сите области на живеењето. Голем број луѓе сум ги цртал на разни места – спортски натпревари, средби, седници, состаноци, разговори, на пример, во Универзалната и салата ,,Македонија“ во Прилеп. Интерес ми предизвикуваа луѓето што седеа на клупите – лекарите, тренерите, играчите. Уште тогаш ги цртав. Цртањето ми беше храна како човек што ја обожава карикатурата. Преку неа се изразува ликот на еден човек. Тоа не е фотографија, ами карикатура со одредени изразени делови на лицето, телото. Пример, фудбалер со топка, играч во воздух каде што ја чека топката да ја смири на гради, дриблинг, во одбојката смечувањето, во кошарката постигнување кош. Главно се поединци, но имам и колективна со сите фудбалери на Победа, објавена во ,,Скок“ и уште неколку весници – раскажува Башески.
Како новинар, сатиричар, истражувач на историски настани, спортски функционер, со карикатурите започнал да се дружи уште во детските години.
– Од 14 до 15 години пројавував желба да цртам според техниките на мојот покоен брат Мице, кој мајсторски го нацрта Тито од фотографија во весник, а овековечи и други политичари. За жал, ниедна од тие карикатури не е зачувана. Најпрво се обидував да цртам како брат ми, подоцна се осамостоив. Од 1957 г. ги прецртав карикатурите објавени во спортските и дневните весници во тогашна Југославија. Најпопуларни прилепски карикатуристи во тоа време беа Живко Козар и Јово Ношпал.
За почит е творештвото на Козар. Меѓународно признаен карикатурист. Тоа беше причината да се зафатам со цртањето карикатури. На час посакав да го нацртам професорот по македонски, Ношпал. Додека тој испрашуваше, си ја поставив чантата како потпора и со креда ја цртав карикатурата со неговиот лик. Го нацртав убаво. Тој ме забележал. Се исплашив, сакав да го скријам нацртаното. Ми рече: „Многу е убава карикатурава. Можам да се препознаам. Продолжи да црташ другари и пријатели и карикатурите да ги чуваш, за кога ќе бидеш возрасен да можеш изложба да направиш.“ Првата изложба ја имав во почетокот од шеесеттите – се сеќава карикатуристот.
Меѓу најстарите карикатури објавени во книгата се А и Б-репрезентациите на Југославија од педесеттите години, прецртувани во 1957 година од белградски „Спорт“, „Фудбал“ и „Нова Македонија“. Ги прецртувал од карикатури на љубљански, загрепски, титоградски, белградски карикатуристи. Цртал нова верзија на карикатурите. И не само спортисти, туку и политичари, социјални работници, дами, интересни личности што му го свртуваат вниманието. Од политичарите во колекцијата му се американскиот претседател Реган, советскиот Брежњев, југословенскиот Тито. Него го има на неколку карикатури, кои се во книгата.
– Тито ми беше миленик. На карикатурата ја истакнував неговата смиреност, еполети на двете рамена, смирениот поглед. Беше плод на неговиот ум. Задоволство беше, не само мое, туку и на многу југословенски карикатуристи, да се црта неговиот лик. Секој како што го чувствува. Карикатурата е од 1967 година, кога беше дојден во Прилеп. Како младински раководител – претседател на општинската и селската младина бев присутен во офицерскиот дом, каде што тој се обраќаше кон највисоките републички и општински функционери. Седнав да го цртам. Не верувам дека ме забележа. Доволни ми беа тие минути оти цело време се поставуваше да можат фотографите од југословенските медиуми да го овековечат, камерите да го фатат… Бев задоволен од цртежот. Затоа до денес ја дочував таа карикатура – раскажува Драги, истакнувајќи дека првата изложба ја поставил во тогашна стара „Нама“ во Прилеп, на еден картон од метар и пол на метар.