ШАХ – ТИМСКО СП 2026 ЗА ВЕТЕРАНИ

  • По ремито во претходното коло со Италија, Алкалоид и во седмото коло одигра без победник, 2-2, со Унгарија и е на петтата позиција

Најуспешниот македонски шаховски клуб Алкалоид, по ремито во претходното коло со Италија, и во 7. коло на тимското Светско првенство (СП) за ветерани над 50 години во Драч (Албанија), одигра без победник, 2-2, овој пат со селекцијата на Унгарија. На две кола до крајот на СП 2026, неизвесноста околу врвот на табелата се зголемува. Алкалоид, кој пред почетокот на турнирот беше рангиран шести, и по ова коло остана на петтата позиција, но сега со 10 бода (17,5 поени по табли), колку што имаат и селекциите на Казахстан и на Исланд, но тие се со подобар дополнителен критериум. Во водство и понатаму е првата селекција на САД со 12 бода (19,5 по табли), пред Италија, која има исто така 12 бода, но поен помалку во вкупниот збир по табли. На СП 2026 играат 36 тима од 23 држави, со вкупно 171 шахист.
На мечот со Унгарија (рангирана седма пред турнирот), сите четири партии завршија без победник, како и против Италија. На првата табла ВМ Трајко Недев (рејтинг 2.469) со бели фигури ремизира со ВМ Атила Чебе (2.304), на втората ВМ Звонко Станојоски (2.362) со ИМ Чаба Чижар (2.352), на третата ВМ Драгољуб Јаќимовиќ (2.359) со ВМ Золтан Варга (2.312) и на четвртата табла ВМ Роландо Кутиров (2.256) со ИМ Ласло Крижани (2.309). Поединечно од шахистите на Алкалоид, најдобар резултат има Станојоски на втората табла, со 5,5 поени од седум партии (четири победи и три ремија).
Вчера во осмото претпоследно коло, скопјани за противник ја имаа селекцијата на Казахстан, рангирана трета пред ова СП. Г.И.