Marco Rubio
Фото: ЕПА

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека понудата на Иран за повторно отворање на Ормуската Теснина под строги услови е неприфатлива за САД и за меѓународната заедница.

Според Рубио, предложениот модел подразбира Иран да контролира кој и под кои услови ќе плови низ теснецот, што, како што нагласи, е спротивно на принципите на слободна пловидба.

– Не можеме да прифатиме систем во кој една држава одлучува кој ќе го користи меѓународен пловен пат – изјави Рубио во интервју за „Фокс њуз“.

Тој додаде дека САД нема да дозволат обиди за „заложништво“ на клучни глобални трговски рути и истакна дека Ормуската Теснина претставува меѓународни води.

Во однос на односите со Техеран, Рубио оцени дека Иран покажува сериозност за постигнување договор, но нагласи дека секое евентуално решение мора да вклучува гаранции дека земјата нема да развива нуклеарно оружје.

– Мораме да се осигураме дека Иран нема да може да се насочи кон нуклеарно оружје во иднина – потенцираше тој.

Рубио укажа и на влошената економска состојба во Иран, посочувајќи дека инфлацијата, санкциите и проблемите со исплата на плати дополнително се продлабочиле по почетокот на конфликтот.

Во меѓувреме, според Аксиос, Иран доставил нов предлог до САД преку посредници од Пакистан, кој предвидува фокус на отворање на теснецот и деескалација на конфликтот.

Предлогот вклучува продолжување на прекинот на огнот или можност за трајно завршување на војната, додека нуклеарните преговори би биле одложени за подоцнежна фаза.