Шеесет и четири милиони емигранти во Европа ја прават новата реалност на ЕУ
- Европа се менува. Не само структурно, содржински и процедурално туку и демографски
Бројот на имигранти во Европската Унија достигна историски максимум од 64,2 милиони во 2025 година – бројка што не само што поставува рекорд туку и сигнализира длабока структурна трансформација на европските општества. Според извештајот на Центарот за истражување и анализа на миграции при „РФБерлин“, кој се повикува на податоци од „Евростат“ и УНХЦР, ова претставува зголемување од околу 2,1 милиони луѓе во однос на претходната година. Во контекст на вкупното население на ЕУ од околу 450 милиони, ова значи дека речиси секој седми жител на Унијата е роден надвор од нејзините граници. Уште поиндикативен е податокот дека во 2010 година овој број изнесувал околу 40 милиони, што значи раст од повеќе од 60 отсто за само една и пол деценија.
Германија како магнет: Економија што апсорбира миграција
Како што и се очекуваше, Германија останува главната дестинација за мигрантите. Со речиси 18 милиони лица родени во странство, таа не само што води во апсолутни бројки туку и ја демонстрира способноста на една економија да апсорбира голем број новодојдени. Особено значаен е фактот дека 72 отсто од овие луѓе се во работоспособна возраст, што е податок што ја потврдува улогата на миграцијата како клучен фактор за одржување на европските пазари на труд, особено во услови на стареење на населението. Еден од авторите на извештајот, Томасо Фратини, нагласува дека Германија „останува главна дестинација и во апсолутни бројки и во однос на населението“, што укажува на долгорочен тренд, а не на краткорочен феномен.
Шпанија е новиот центар за прифаќање миграциски бранoви
Додека Германија е стабилен центар, Шпанија се издвојува како земја со најбрз раст. Само во една година, бројот на луѓе родени во странство се зголемил за околу 700.000, достигнувајќи 9,5 милиони. Овој тренд не е случаен. Шпанија комбинира релативно динамичен пазар на трудот, географска близина до Африка и Латинска Америка, како и пофлексибилни миграциски политики во одредени сектори. Тоа ја прави нов „влезен пункт“ за Европа, особено во контекст на променливите маршрути на глобалната миграција.
Мали држави, голем притисок
Извештајот открива и значајна нерамномерност. Земји како Луксембург, Малта и Кипар имаат највисок удел на имигранти во однос на сопственото население. Ова отвора прашања за капацитетот на малите држави да се справат со интеграцијата, од домување и здравство до образование и политичка стабилност. Во такви услови, миграцијата не е само економско прашање туку и тест за институционалната издржливост.
Дополнително, барањата за азил остануваат концентрирани во неколку клучни земји: Шпанија, Италија, Франција и Германија заедно сочинуваат речиси три четвртини од сите апликации.
Германија повторно се издвојува со најголем број бегалци, односно околу 2,7 милиони. Ова ја става земјата во центарот на европските дебати за распределба на товарот, солидарност и реформите на заедничката азилна политика.
Европа се соочува со демографски пад, недостиг од работна сила и стареење на населението
Иако миграцијата често се третира како политички проблем, податоците укажуваат на поинаква реалност и некакви калкулации со феноменот на миграциите. Имено, Европа се соочува со демографски пад, недостиг од работна сила и стареење на населението. Во тој контекст, миграцијата станува економска нужност. Но растот од 64,2 милиони не е без ризици. Социјалната кохезија, политичката поларизација и растот на антимиграциски движења се веќе видливи во повеќе земји. Прашањето повеќе не е дали Европа ќе прифати мигранти туку како ќе го направи тоа одржливо.
Гореспоменатиот извештај како мотив за овој новинарски осврт не го опсервираме само статистички преглед туку како еден вид предупредување. Европа влегува во нова фаза каде што миграцијата ќе биде клучен фактор во економијата, политиката и во идентитетот. Дали ќе успее да ја претвори во предност или ќе дозволи да стане извор на поделби, тоа ќе зависи од политичката волја, институционалната координација и способноста за долгорочно размислување. Едно е сигурно. Бројките веќе ја кажуваат фактичката состојба со мигрантите.
Европа се менува. Не само структурно, содржински и процедурално туку и демографски.
Автор: Доне Прентоски, наш соработник од Германија

































