При крај се градежните активности за дозаокружување на реконструкцијата на
тротоарите на улицата Кеј Први мај во Прилеп и поставување урбана опрема во должина од 700 метри, со вредност од седум милиони денари средства, обезбедени од
Министерството за транспорт.
-Освен реконструкција на улицата се постави ново осветлување, нова опрема, а во
рамките на овој проект за жителите направивме и парк од 300 метри квадратни, каде ќе се забавуваат најмладите. Планираме реализација на уште два проекти од Министерството за транспорт. Следно е реконструкција на велосипедските и пешачките патеки на ул. 11- ти Октомври, и согласно градежниот календар треба да започне од наредниот месец. За разубавување на градот планираме да се реализира реконструкција на улици. Продолжуваме и со други проекти – изјави градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски.
Според него изградбата на мостот Табана е во полн ек.
– Ова е еден од најголемите проекти. Вредноста е 138 милиони денари. Градежените
активности се во тек. Се поставуваат главните носечки столбови. Треба да се поврзат и да биде цел мост. Би се интензивирале активностите во следниот период. Во завршна фаза е и изработката на проектот за урбано уредување на градската река, односно за поставување на кејски ѕидови и внатре да се доуреди просторот и доколку може, размислуваме за користење на речното корито за паркирање, односно она што ни е најпотребно – рече Проданоски.
На денешниот увид на завршената реконструкција на Кеј Први мај дојде и
министерот за транспорт Александар Николоски, кој изјави дека Прилеп е во фокусот на Министерството.
– Проектот беше во соработка со Светска банка. Ќе работиме на уште два проекти.
Освен за улицата 11 Октомври, средства ќе се одделат и за други инфраструктурни
проекти, од кои се дел во тек. Во следниот период тука ќе има градежна експанзија. За обиколницата општината работи на проектот, што беше наше големо ветување. Кога ќе заврши проектот, Владата ќе најде финансии. Сериозно работиме на ревитализација на железницата. На средба со стопанствениците договориме враќање на карго превозот, што ќе значи многу за економијата во регионот – изјави Николоски.
Ка.М

































