Фото: МНРиНТ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пред собраниската Комисија за надворешна политика изјави дека надворешната политика во изминатите две години може да се сумира во три клучни поими: достоинство, резултати и визија, пренесе МИА.

Тој нагласи дека државата ги брани националните интереси преку јасни позиции и институционален пристап, а не преку реторика, со цел да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните – инвестиции, безбедност, работни места и подобра меѓународна позиција.

Муцунски истакна дека надворешната политика мора да биде прашање на национален консензус, бидејќи малите држави не можат да си дозволат внатрешни поделби кога настапуваат на меѓународната сцена. Според него, дипломатската активност денес е насочена кон создавање економски ефекти и отворање нови можности за домашните компании.

Како централна оска на политиката ја посочи европската интеграција, при што нагласи дека пристапувањето кон Европската Унија мора да носи конкретни придобивки уште во текот на процесот. Тој се осврна и на напредокот во усогласувањето со политиките на ЕУ, учеството во регионални иницијативи и приклучувањето кон СЕПА, кое го оцени како важен чекор за граѓаните и бизнисите.

Во делот на меѓународните односи, Муцунски ги истакна стратешките партнерства со Обединетото Кралство, Унгарија и најавените договори со други држави, како и продлабочувањето на соработката со Соединетите Американски Држави, особено во областите на енергетика, безбедност и инвестиции.

Тој посочи дека членството во НАТО останува клучен столб на безбедноста, а државата продолжува со зголемување на буџетот за одбрана. Во однос на регионот, нагласи дека се работи на унапредување на односите со соседите преку конкретни проекти, и покрај отворените политички прашања.

Муцунски се осврна и на економската дипломатија, истакнувајќи дека таа сè повеќе се фокусира на привлекување инвестиции, поддршка на извозот и поврзување со глобалните пазари, како и на заштита на националниот економски интерес.

На крајот, тој нагласи дека државата ја зајакнува својата улога во мултилатералните организации, ја унапредува конзуларната заштита на граѓаните и работи на професионализација на дипломатската служба.