Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска од армискиот полигон Криволак порача дека она што НАТО го прави преку стандардите, треба да го прави и Европската Унија преку Копенхашките критериуми, пренесе МИА.
Таа даде изјава за медиумите за време на Денот на високи гости на воената вежба „Блесок 26“, каде што присуствуваа и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот Сашко Лафчиски, како и претставници од командата на НАТО во Неапол.
Силјановска-Давкова истакна дека вежбата покажала висок степен на подготвеност, професионалност и компатибилност на Армијата со НАТО-стандардите, нагласувајќи дека за тоа се заслужни војниците, командниот кадар и институциите.
Таа додаде дека оценувањето според јасни стандарди не остава простор за импровизации, туку бара прецизно исполнување на критериумите.
Во тој контекст, претседателката порача дека истиот принцип треба да важи и за Европската Унија, преку доследна примена на Копенхашките критериуми.
Според неа, европските стандарди треба да значат владеење на правото, поделба на власта, почитување на човековите права и еднаков третман на државите.
Таа нагласи дека почитувањето на националниот идентитет и интегритет е дел од европските документи и дека тие принципи мора доследно да се применуваат.
Во делот за надворешната политика, Силјановска-Давкова информираше дека воспоставила контакт со поранешниот бугарски претседател Румен Радев, со кого, како што рече, изразиле подготвеност за понатамошни разговори.
Таа посочи дека стабилните политички влади овозможуваат подобри услови за дијалог меѓу државите.

































