Турското Министерство за надворешни работи денеска го повика американскиот амбасадор во Анкара поради одлуката на американскиот Сенат да признае геноцид извршен врз Ерменците од страна на Турција, пренесува „Спутник“.
Американскиот Сенат претходно денеска изгласа резолуција со која убиствата на Ерменците извршени од османлиските Турци пред повеќе од еден век ги признава за геноцид. Резолуцијата претходно трипати беше блокирана на барање на Белата куќа, но сега беше едногласно прифатена.
Необврзувачката резолуција, што ја поднесоа демократскиот сенатор Роберт Менендез од Њу Џерси и републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз, потврдува дека геноцид имало и дека за тоа е одговорна Турција. Во неа се изразува мислење дека САД треба да им оддадат почит на жртвите на геноцидот со негово признавање и со сеќавање на него.
Турција со години лобира против американското признавање на Ерменцскиот геноцид.
Кон крајот на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век Османлиското царство вршело редовни прогони на Ерменците. Конкретно, во 1915 година, според подтаците на некои историчари, биле убиени повеќе од 1,5 милиони Ерменци. Геноцидот над ерменскиот народ во Османлиското царство го признаа 23 држави како и Европскиот парламент.