Aкадемското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ на 10 декември во Националната опера и балет (НОБ) со концерт ќе одбележи 70 години од своето постоење.
Настанот со назив „Генерациски концерт“ ќе почне во 20 часот, а на него ќе учествуваат фолклорниот ансамбл, академскиот хор и народниот оркестар, како и уметници кои во друштвото твореле изминатите години.
АКУД „Мирче Ацев“ е име кое седум децении е симбол на македонската култура и уметност и важи за амбасадор и презентер на македонското хорско, драмско и фолклорно творештво.
Друштвото е формирано од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1949 година како потреба на студентската младина да го собира, негува и обработува македонското фолкорно богатство, ората, песните, инструментите, богатите оригинални носии, македонското хорско пеење, а сè со цел да го презентитра Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во земјава и надвор од неа преку фестивали, концерти и други настани во областа на културата.