Аргентинецот Меси (32) го одигра јубилејниот 700-ти натпревар во дресот на Барселона, против Борусија Дортмунд (3-1) и го обележи на најдобар можен начин, со гол, 613-ти (плус 237 асистенции), од кои 114 во Лигата на шампионите (ЛШ)

Бројките и статистичките податоци не можат ни одблиску да ја доловат фудбалската генијалност на аргентинскиот волшебник во дресот на Барселона, Аргентинецот Лионел Меси, но сепак се некаков показател за неговата величина. Во мечот од групата Ф во Лигата на шампиони (ЛШ), против Борусија Дортмунд (3-1), Меси (32) го одигра јубилејниот 700-ти натпревар во дресот на Барселона и го обележи на најдобар можен начин, со гол, 613-ти (плус 237 асистенции), од кои 114 во ЛШ и со две асистенции, при постигнувањето на головите на Луис Суарез и на Антоан Гризман. Меси е вториот играч со 700 настапи за Барселона, 67 помалку од рекордерот Чави. Меси (32) има постигнато и најмногу голови за каталонскиот клуб, 613, повеќе од двојно од Цезар Родригез (232).

Покрај ова, Меси постави и нов рекорд во ЛШ, со давањето гол против 34 различни тимови во ова натпреварување, со што ги надмина Раул и Роналдо.
– Тој е неверојатен, прави што сака, кога сака и кога тоа е најпотребно на теренот. Благодарение најмногу на него ние сме во нокаут-фазата – го пофали Меси, којзнае по кој пат, тренерот Ернесто Валверде.
Меси има освоено и рекорден број трофеи со каталонскиот тим, 34 (10 Ла лига титули, шест шпански купа, осум шпански суперкупа, четири титули во ЛШ, три Суперкупа на УЕФА и три титули светски клупски првак).

Меси има постигнувано по еден гол на 218 натпревари, по два на 125, по три на 40, по четири гола во пет наврати. И пет гола на еден меч.
– Она што прави Меси на теренот не е нормално. Просто тој е најдобриот фудбалер на светот – изјави голманот на Барса, Марк-Андре тер Штеген по мечот.
Меси не даде гол на претходните два меча на домашен терен во ЛШ, против Интер (2-1) и Славија Прага (0-0), но во третиот се „поправи“ и го избегна она што му се случи во октомври 2011-та, кога на три меча по ред на „Ноу камп“ не постигна гол. Статистиката вели и дека Меси, 10 години во низа постигнува 45 и повеќе голови за Барселона и за Аргентина, најмногу во 2012-та, дури 91!

За Барселона, која 16-ти пат во низа е меѓу 16-те најдобри, ова беше 149-ти триумф во ЛШ, само девет помалку од рекордните 158 на Реал.
Во контекст на рекордните постигнувања на Меси се појавија и некои споредбени показатели со Кристијано Роналдо (34), кој на 23 февруари 2017 го одигра 700-от клупски меч, на кои постигна 504 гола, 109 помалку од Меси, но за три различни тима, во три земји, за Спортинг, Манчестер јунајтед и за Реал. Кога станува збор за асистенциите, и тука Меси е подобар, 237- 185, според бројот на хет-трикови, 46-41 и на освоени трофеи, 34-21. 


Холанд и Салцбург во топ форма

Австриски Салцбург е едно од најпријатните изненадувања сезонава во Лигата на шампиони (ЛШ). На петте меча Салцбург постигна 16 гола (прими 11) и е трет според ефикасноста, зад Баерн со 21 и Тотенхем со 17, и е трет во групата Е со седум бода, зад Наполи (9) и актуелниот европски првак Ливерпул (10). Токму против Ливерпул во последното коло на домашен терен Салцбург ќе се обиде со победа да се пласира во осминафиналето.
Половината од тие 16 гола ги има дадено младиот, 19-годишен Норвежанец Ерлинг Браут Холанд, кој постигна гол и на мечот против Генк (4-1). Тој е првиот тинејџер што дава гол и повеќе на првите пет меча во историјата на ЛШ/КЕШ и прв што постигнал осум гола на првите пет меча, надминувајќи ги Хари Кејн и Диего Коста, кои имаат дадено по седум!
Холанд им се придружи на петте фудбалери што постигнувале голови на првите пет меча во ЛШ, на Алесандро Дел Пјеро (Јувентус, 1995/1996), на Сергеј Ребров (Динамо Киев, 1997/1998), Нејмар (ПСЖ, 2017/2018), Кристијано Роналдо (Реал, 2017/2018) и на Роберт Левандовски (Баерн, 2019/2020).
Холанд на 19 меча има дадено 27 гола, од кои пет хет-трика!


Последното коло ќе решава за преостанатите осум осминафиналисти

На осумте меча од петтото коло во групната фаза што се играа во средата вечер, беа постигнати по два и повеќе голови или вкупно 27, во просек повеќе од три по меч.
Пред последното, шесто коло, кое ќе се игра на 10 и 11 декември, познати се осумте тима што се квалификуваа за следната, осминафинална, нокаут-рунда. Тоа се ПСЖ и Реал М.(група А), Баерн и Тотенхем (група Б), Манчестер сити (група Ц), Јувентус (група Д), Барселона (група Ф) и Лајпциг (група Г).
За преостанатите осум места има повеќе кандидати. Тоа се Шахтар, Динамо Загреб и Аталанта (група Ц), Атлетико и Баер Л. (група Д), Ливерпул, Наполи и Салцбург (група Е), Интер и Борусија Д. (група Ф), Зенит и Лион (група Г), Ајакс, Валенсија и Челси (група Х).
Третопласираните тимови во групите натпреварите во европска конкуренција ќе ги продолжат во утешната Лига Европа (ЛЕ) во шеснаесетфиналната нокаут-фаза.