Во изјава за „Нова Македонија“ некои од поранешните обвинители во СЈО велат дека ако во истрагата на Јавното обвинителство се утврди некаква незаконитост во однос на астрономските финансиски надоместоци што ги земале и се движеле и до 150.000 евра, подготвени се да дадат оставки од позициите на кои се сега, но и да ги вратат парите преку продажба на имотот
По обелоденувањето на висината на бонусите, кои покрај платата се делеле за вработените, но и надворешните соработници на сега веќе нефункционалното СЈО, се засилија активностите на Републичкото јавно обвинителство. Во текот на вчерашниот ден, истражители од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција влегле во просториите на СЈО, со задача да соберат документација, токму во врска со информациите за распределбата на надоместоците во оваа згасната обвинителска институција. Во меѓувреме со активирањето на интернет-алатката „Отворени финансии“, речиси секојдневно се откриваат нови „добитници“ на надоместоци од СЈО, врз основа на клаузулата за ризик, доверливост и специфични услови за работа. Покрај поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, и другите обвинители од СЈО (сега прераспоредени во други обвинителства), вработените таму, но и надворешни соработници или околу 120 луѓе добивале надоместоци по таа основа. Еден од посочените надворешни соработници е и новинарот Сашо Ордановски, за кој во „Отворени финансии“ е наведено дека во неколку наврати добивал исплати од СЈО, во вкупна вредност од 255.000 денари.
Астрономските бонуси на СЈО веќе добија димензија на скандал без преседан, иако поранешните обвинители велат дека сѐ било во законски рамки, според Законот за СЈО. На почетокот од случајот државниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека во Републичкото јавно обвинителство немале увид во висината на доделените бонуси.
– Исплатата на плати и надоместоци е утврдена во Законот за плати на јавните обвинители. До поставувањето на алатката ,,Отворени финансии“, висината на надоместоците и начинот на пресметување на платата и надоместоци за СЈО јавно не беа достапни, за разлика од примањата на сите други обвинители за кои на сајтот на ЈОРСМ јавно е објавен коефициентот за исплата на плати – изјави Јовески.
Во јавноста, пак, беа изнесени податоци дека Катица Јанева, во текот на својот мандат, земала 157.000 евра додаток на платата. Само оваа година, таа си доделувала по 250.000 денари, дополнително секој месец. Покрај неа, на „Отворени финансии“ се открива дека и другите обвинители во СЈО, па и вработените, покрај платата добивале додатоци, кои во вкупна вредност се движат во илјадници евра (од 20.000 па нагоре), па и стотици илјади евра.
Еден од обвинителите на поранешното СЈО, за „Нова Македонија“ вели дека во некои медиуми се предимензионира висината на бонусите и тврди дека во текот на сите четири години секој од обвинителите, врз основа на законски предвидената клаузула за ризик, доверливост и специфичност на работните услови, добил околу 80.000 евра. Додека платите, според Законот за плати, им биле поголеми за 300 евра од оние на обвинителите од Основното јавно обвинителство.
– Сѐ што добивавме, и како плата, и како надоместоци беше во согласност со Законот за СЈО. Ако во истрагата на Јавното обвинителство се утврди некаква незаконитост во однос на финансиските надоместоци за нашата ризична работа во СЈО, јас, а верувам и преостанатите колеги сме подготвени да дадеме оставки и од позициите на кои сме сега. Говорам само во мое име, доколку се утврди незаконитоста, дека мојата кариера во обвинителскиот систем ќе биде завршена – вели еден од поранешните обвинители во СЈО.
Уште од почетокот на аферата, паралелно со барањето за отворање истрага за бонусите, одредени политички чинители, а и јавноста бараат обвинителите да ги вратат бонусите што ги добиле во текот на нивната работа во СЈО, па дури се бара и кривична одговорност.
– Нема потреба јавноста да бара да ги вратиме бонусите. Доколку се утврди незаконитост во финансиското работење на СЈО, нам правниот систем ќе ни наложи како да постапиме со тие средства, односно дали и како треба да ги вратиме. Повторувам дека во тој случај мојата обвинителска кариера ќе биде завршена, но исто така сум подготвен и да продадам имот за да ги вратам средствата, ако тоа биде судски наложено. Сепак, повторно ќе кажам дека сѐ што е поделено како надомест е во рамките и според Законот за СЈО – вели поранешниот обвинител од СЈО.
За другите лица што добивале награди од СЈО, обвинителот вели дека за некои и тој дознава сега од медиумите. Сепак за лицата од МВР што се наоѓаат на списокот со надоместоци на „Отворени финансии“, смета дека нивните бонуси се доделени врз истражителска основа, додека другите вработени во СЈО имале исто право на бонуси како и обвинителите, според клаузулата за ризик и доверливост.