(Апостол Павле и солунските браќа Кирил и Методиј)
Евидентно е дека нас Господ нè извлече од ужасната кал на декадентната западна антидуховна и колонијалистичка цивилизација. Илинден. АСНОМ. Нè извлече како идентитетски заборавен и игнориран колектив од неблагодарната Европа. Како кристал што таа повторно го гази и фрла на ѓубриштето на заборавот. Но ништо што е свето кај Господ не се заборава
Одамна рече мојот омилен ирски поет Вилијам Батлер Јејтс дека е напукната „оската на светот“. Двете светски војни на западната цивилизација тоа и го покажаа. Денес на почетокот на дваесет и првото столетие има знаци дека таа оска може да се разлета во парампарчиња и целата планета да се урне в бездна. Ништо не се менува. Човекот, посебно западниот, не извлече никаква поука од двете светски катастрофи што самиот ги предизвика. И денес се разорува светот. Сега-засега тежиштето на катастрофата е подалеку од Европа, на радиус од Блискиот Исток до Авганистан на север. Но не се знае.
Сега знам се прашуваш, драг читателу, кај се наоѓа Македонија во таа по сè изгледа добро испланирана мапа на катастрофи од западните моќници на чие чело стои империјалната Америка (САД). Познато ти е: во таа мапа е планирана за идентитетски геноцид, за кој овие „мајстори на смртта“ (морам пак да го цитирам П. Целан) се добро извежбани до тој степен што таквите геноциди ги прогласуваат за спасувачки хуманитарни чинови. Идентитетската, пак, смрт на еден цел народ е најстрашната што може да се замисли. Нас толку силно нè притиснале за такво убиство што не знам дали ќе се извлечеме, освен ако во сиот овој мрачен наум на западните либералкапиталисти едноставно не интервенира Господ.
Сега сме дотерани на работ од обновениот масон на смртта Менгеле на Брисел и Вашингтон што му вршеше слични мрачни работи на Хитлер. Од него е и замислен врз нас смртоносен удар со само еден ефикасен потег: преименување. Совршено. Но за да биде тоа навистина така, идентитетската ликвидација на македонскиот колектив им е препуштена на самите Македонци, кои треба да ја извршат таа грозна колективна евтаназија. Сега-засега таа „историска“ и „цивилизациска“ задача на најголемото цивилизациско достигнување на либералкапиталистичкиот Запад им е поделена на две клучни македонски политички личности: премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Средбата Заев – Ципрас во Софија е, се чини, завршниот смртоносен идентитетски удар со кој се праќа во смрт еден цел народ со неколкумилениумски идентитетски континуитет, со блескави културно-цивилизациски духовни подвизи и знаци од Египет и Хималаите до бреговите на Атлантскиот Океан. И нека мислат некои дека сум мегаломан, но за тоа постојат јасни како ден историски, археолошки, писмени, антрополошки и секаков вид на докази.
Туку, нешто ме јаде јанѕа, драг читателу, и од посетата на Македонија на Тереза Меј, почелична и од челичната Маргарет Тачер, оти барем досега кај нас сите европски поглавари доаѓаа најмногу со една средишна намера, да го свиткаме ’рбетот. Знаат и дека нашиот, ненаш премиер Заев е најдобар во таа дисциплина и уживаат во тоа спознание. Е, затоа се плашам и од посетата на таа англиска госпоѓа со смрзнат палеолитски лик. Сепак, се надевам дека таа не дојде кај нас да ги аминува напалм-бомбите на англискиот и европскиот тотем Черчил, кои безмилосно ги убиваа македонските деца на Грамос и Вичо 1948 година. Годината кога Британија од антифашистичка, пред некоја година, метаморфозира во фашистичка сила, поддржувајќи го грчкиот монархофашизам и чистејќи ја Грција од Македонците. Пред Британија таква фашистичка метаморфоза доживеа и Америка со двете нејзини атомски бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки 1945 година.
Тоа. Туку да не ми побегне, драг читателу, есенцијалната тема на оваа колумна. Таа е дводелна и се однесува на милениумскиот јубилеј на Охридската архиепископија (1018-2018) и на културолошката македонска, сесловенска и европска светлина на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Утре е нивниот роденден.
Првин Охридската архиепископија на која и денес, како природен континуитет, со право се повикува МПЦ. Да. Но не знам кој политикантски ѓавол ги натера нејзините архијереи, со исклучок на владиката Агатангел, да си ги вадат очите и кукавички да бараат да им биде мајка (божем се улични бездомници) Бугарската православна црква. Таа чија егзархиска активност во Македонија имаше јасен геноциден мирис. И, што се случи. Сепак БПЦ не се изјасни гласно дека ја прифаќа улогата на мајка, сомневајќи се во детето што само ѝ се потура во скутот и кое ѝ мириса на копиле. Фактот дека сега одбива заедно со него, на негова покана, да го чествува во Охрид милениумскиот јубилеј на Охридската архиепископија го покажува тоа. И, сè тоа се вика фарисејство, а не христијанство, не православие.
Политикантство со кое безмилосно се манипулираат неуките верници што се држат во незнаење. Добро. Па, зарем се слепи (духовно), зарем не ја знаат архијереите на МПЦ генезата на македонската христијанска црква, која има безмалку уште еден цел милениум континуитет пред основањето на Охридската архиепископија. Одејќи наназад во времето тука се најпрвин темелите на Јустинијана Прима, црквата на славниот византиски император, Македонец роден во скопското село Таор, Јустинијан. Половина милениум зад тие темели, пак, се наоѓа првиот, архитемелот на светата македонска црква на апостол Павле и Лидија Македонката во Филипи. По неа е основана и црквата во Бер. Апостол Павле, кој, како што читаме во Дела апостолски на Лука, лично според директива на самиот Создател е насочуван на својот новозаветен мисионерски пат кон Македонија, која, разбирливо, ќе се покаже како најплодна почва за семето на христијанството, посејувајќи го него и во паганската нива на Европа. Европа, која, наместо благодарност за тоа, ни нуди идентитетска смрт. Крунски сведок за тоа е нејзината крајно перфидна Лисабонска декларација од 1992 година, со која ни забранува вклучување во европскиот цивилизациски тек доколку не се преименуваме.
Толку. Сега за пресветите солунски браќа Кирил и Методија, кои директно се надоврзуваат, и според божјата промисла, на подвигот на најревносниот Исусов апостол Павле. Нив нашите грабежливи источни соседи ги сметаат за Бугари, иако е јасно дека мајка им била Македонка, а татко им Грк. Но уште повеќе, тие се македонски и по јазикот (на Солун и околината) на кој го превеле Светото писмо. Старомакедонски, кој Бугарите го викаат старобугарски без никаков срам. Па, и во Британската енциклопедија од 1931 г. пишува дека македонскиот, покрај иранскиот, индискиот, германскиот, келтскиот и латинскиот, е во групата најстари јазици на светот, за сега Бугарите да го бугаризираат. Но вистината е тешка како планина и не се поместува од место. Едно е јасно, дека со преводот на Светото писмо Кирил и Методиј, далеку пред Блаже Конески, Мисирков (па тука може да ги ставиме и Константин Миладинов и Рацин) ја прават првата лингвистичка кристализација и кодификација на македонскиот јазик, кој како официјално богослужбен легнува како основа во сите останати словенски јазици. Вклучително и во бугарскиот, ако тоа ним им служи за утеха. Друга работа е, и пак, што по никоја основа солунските браќа не можат да бидат Бугари, затоа што тие се бореле против бугаро-германскиот сојуз од 862 година, кога започнува ширењето на германското влијание во Словачка, по што словачкиот кнез Растислав бара помош од Византија да го спречи истото. Иницијална причина за почеток на таканаречената Моравска мисија на Кирил и Методиј, која потоа добива сесловенски и европски карактер. Во историјата на Европа не постојат просветители со таков широк, огромен просветителски и космополитски духовен хоризонт. Имено, праведно, тргнувајќи од тоа папата Јован Павле и ги прогласи нив со посебна енциклика за заштитници на Европа. Па, може ли тоа да не ни годи нам, на крајно скромните Македонци, за да не речеме: еве Европа има и македонски, да додадеме, и сесловенски заштитнички покрив, кој речено во библиски стил, ќе трае до свршетокот на времето. Не како оној на НАТО на кој се надева и со кој се гордее таа, Вавилонската дама. Таа која во новите преводи на Светото писмо го брише етнонимот Македонец во онаа славна епизода на апостол Павле на патот за Македонија и, наместо него, се става „Човек од Македонија“, а сè со цел да не е Македонец. Факт што се вклопува во широкиот план на Европа (а тука е секогаш и Америка) да се изврши идентитетски геноцид врз Македонија и Македонците. Односно да се избрише целокупната нивна историска и културно-цивилизациска меморија, со цел истата како имот да се префрли во катастарот на Грција (антиката) и на Бугарија (сè останатото: од средниот век до денес).
Ете, тоа ни го смислила Вавилонската дама, драг читателу, ако не знаеш. Да. Но, сепак, и покрај сè останува над неа македонскиот, а оттука и сесловенски заштитнички културолошки покрив на Кирил и Методиј, кои се надоврзаа на подвигот на апостол Павле. Оти и познатиот библист Ренан вели дека Словото кон Европа тргна од Македонија. Првин од апостол Павле и Лидија Македонката, потоа со светите, пресвети солунски браќа Кирил и Методиј, а по нив со нивните славни ученици Климент, Наум и останатите, кои го основаа првиот универзитет во Европа, познат и како Охридска книжевна школа. Во неа, како и во целиот словенски свет, струеше духовна светлина на кристализираниот од страна на Кирил и Методија старомакедонски јазик. Јазикот на кој богопомазаниот свети Климент Охридски ги напиша, како прв македонски и сесловенски поет, своите Пофални слова, кои и денес звучат како апсолутно модерна (затоа што е исконска) поезија.
Доволно. Еве, сфаќаш ли сега, драг читателу, зошто сака Европа да ја угасне македонската генеричка идентитетска искра, која еден важен историски миг ја осветли неа и од паганство ја преведе во христијанство, иако нејзе, како што гледаме денес, ѝ е многу подрага паганската слика на Античка Грција, кон која има болен, патолошки Едипов комплекс, кој ни Фројд нема да може да го разреши. Затоа, одбивајќи го новиот јудео-христијански темел, на кој укажува и Томас Ман, таа сега, како што вели сјајниот англиски романсиер Д. Х. Лоренс, сè трупа во „грчка вреќа“. Во неа сега ја трупа и Античка Македонија нашиот генерички идентитетски извор. Но, исто така нè трупа со нововековниот словенски имот и во „бугарската вреќа“. И, малку им е тоа, со Тиранската платформа, благословена од Вашингтон и Брисел, ја отворија за нашата идентитетска смрт што ни ја замислиле и „албанската вреќа“ или со јазикот на митоманијата „илирска вреќа“.
И, знам, на крајот, драг читателу, ме прашуваш кој е нашиот спас пред оваа катастрофа што ни ја подготвиле европските „мајстори на смртта“. Ако ти речам во Господ, од кој така многу се плашат нашите (посебно некои универзитетски) интелектуалци, ќе речеш дека сум религиозен фанатик. Да, религиозен сум, како што е по дефиниција тоа во генот секое човечко битие. Друго прашање е, пак, дали тоа дошло до спознание или него го затрупала социјалната и политичката кал. Сеедно. Евидентно е дека нас Господ нè извлече од ужасната кал на декадентната западна антидуховна и колонијалистичка цивилизација. Илинден. АСНОМ. Нè извлече како идентитетски заборавен и игнориран колектив од неблагодарната Европа. Како кристал што таа повторно го гази и фрла на ѓубриштето на заборавот. Но ништо што е свето кај Господ не се заборава. Македонија и Македонците се еден од скапоцените дијаманти на Неговиот кралски прстен. И тоа е нашата надеж. Размисли, драг читателу. Не претерувам.