Елиф Елмас покажа зошто го сметаат за еден од најталентираните млади фудбалери во Европа, откако со неговите два гола Македонија стигна до клучна 2:1 победа над Словенија во квалификациите за ЕП во 2020 година.
Фудбалерот на Наполи покажа дека довербата на Карло Анчелоти не е без причина, откако прво во 50-тата минута постигна прекрасен гол по асистенција на капитенот Горан Пандев, лобувајќи го Јан Облак, еден од најдобрите голмани на денешницата.
Осумнаесет минути подоцна, во 68-та минута, Елмас го искористи брзиот контра-напад на македонската репрезентација за да смести уште една топка во голот на Словенците, осигурувајќи ја победата. Во 95-тата минута, Словенците добија пенал кој беше реализиран од страна на Јосип Иличиќ за конечни 2:1.
Со трите поени, Македонија се искачува на третото место на табелата со 11 поени, колку што има и Словенија, и два поена помалку од Австрија, која со 3:1 го победи Израел.
За момците на селекторот Игор Ангеловски в недела следува тешко гостување кај лидерот Полска, но со ваква игра има зошто да се надеваме дека е можно и изненадување.