Изложба на скулптури од прилепскиот уметник Марјан Стојаноски вечерва ќе биде отворена во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, со почеток во 18:30 часот.

Ова му е прва самостојна изложба во родниот град.

Академскиот скулптор Марјан Стојаноски создава апстрактно геометриска скулптура изработена од метал, како најсоодветен материјал за обликување на неговите концепти.

– Податливоста на металот како материјал за изработка на скулптурата, како и техниката на заварување, му овозможува на скулпторот да создава различни по форма, структура и големина, делови и конструктивни елементи. Преку дисциплинирана техничка постапка, Стојаноски создава идејни решенија и концепти за монументална скулптура во урбан простор – вели Викторија Димеска, историчар на уметноста.

Марјан Стојаноски завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на ДЛУМ и на ДЛУП. Во два наврати е претседател на ДЛУП. Во 2015 година ја добива наградата за скулптура „ Јордан Грабул“ (ДЛУП). Досега реализирал повеќе проекти, меѓу кои скулптура „Мир“ во чест на Тоше Проески, скулптура „Еко (велоспедист), поставени во центарот на Прилеп и реализација на статуетка за награда од публика за МТФ „Војдан Чернодрински“.

Учестувал на повеќе колонии и на бројни конкурси каде освоил награди.

Ка.М.