СЛЕДУВА ИНТЕРЕСНА НЕДЕЛА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2020 ГОДИНА

Со три бода од дуелот со Словенија во Скопје, репрезентацијата на Македонија најмалку ќе биде трета во групата по седмото коло, а може да биде и втора, во зависност од резултатите на другите средби. Белгија, пак, со триумф над Сан Марино дома ќе стане првата селекција што ќе обезбеди пласман на ЕП 2020

Македонската фудбалска репрезентација денеска со првиот собир ја почнува значајната недела во која може да направи историски исчекор кон пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски прво ќе се подготвуваат за мечот в четврток со второпласираната репрезентација во групата Г, Словенија, во Скопје, а потоа и за дуелот со водечката селекција во групата, Полска, во Варшава, три дена подоцна, на 26-от роденден на македонската репрезентација (првиот меч Македонија го одигра на 13 октомври 1993 година во Крањ, против домашната репрезентација на Словенија и во тој пријателски дуел победи со 4-1).

Со триумф в четврток Македонија бодовно ќе се израмни со Словенија и ќе има предност пред таа репрезентација во пласманот на табелата при евентуален ист број бодови по 10-то коло. Со три бода од таа средба Македонија најмалку би била трета во групата по седмото коло, секако, ако Австрија дома го победи Израел или на тој меч биде нерешено, а можеби и втора, ако на средбата во Виена слават гостите.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата интернет-страница објави дека Енис Барди поради повреда не е во можност да биде дел од македонската репрезентација за натпреварите на дуелите против Словенија и против Полска, како и тоа дека селекторот Ангеловски дополнително ги повикал Ѓорѓи Стоилов од Академија Пандев и Марио Младеновски од Вардар. Првиот собир на репрезентацијата е закажан за денеска во 12 часот, а првиот тренинг од 19 часот. Дуелот со Словенија е в четврток од 20.45 часот.

По шест кола во групата Г за пласман на ЕП 2020 води Полска со 13 бода, пред Словенија со 11, Австрија со 10, Македонија и Израел со по осум и Летонија без бодови. Македонија досега со Словенија во Скопје одигра два меча, двата пријателски и во двата победи Македонија, прво со 2-0 во 1994 година, а потоа со 3-2 во 2012 година. Вкупно македонската селекција е поуспешна од Словенија во меѓусебните дуели, оти има три победи и по едно реми и пораз, со вкупна гол-разлика 10-5.
Од другите групи, фудбалската репрезентација на Белгија, освојувачот на бронзениот медал на Светското првенство во 2018 година во Русија, досега е најубедлива во овие квалификации. Белгија, покрај максималниот ефект од шест победи по шест кола, има и најдобра гол-разлика, 19-1.

В четврток селекцијата што ја предводи капитенот Еден Азар со победа дома над Сан Марино (досега оваа репрезентација во квалификациите за ЕП 2020 е без бодови, со гол-разлика 0-28) прва ќе го обезбеди пласманот на јубилејното континентално првенство.

По октомвриските квалификациски мечеви, неделава и идната недела, можно е и неколку други фудбалски репрезентации да го обезбедат пласманот на ЕП 2020. По досегашните шест кола без загубен бод се, на пример, и Англија (од четири меча), Шпанија и Италија (двете од шест натпревари), а без пораз во своите групи се и, на пример, Украина, Португалија, Република Ирска, Данска и Швајцарија. Со победа во седмото коло најмалку на по еден бод до пласман на ЕП 2020 ќе бидат и репрезентациите на Шпанија (гостува кај Норвешка) и на Италија (игра дома со Грција).

На ЕП 2020 ќе играат 24 репрезентации (вторпат, бидејќи ваков формат дебитира на ЕП 2016 во Франција), и тоа по две најдобри од секоја од десетте квалификациски групи, како и четирите победници на фајналфор-турнирите во Лигата на нациите идната година. Јубилејното првенство ќе се игра во 12 земји (полуфиналиња и финале во Лондон, на стадионот „Вембли“) и ќе биде роденденско, оти ќе се одбележат 60 години од првото ЕП во 1960 година, играно во Франција.


Ангеловски: Може да победиме само ако сме како тим и ако играме како што знаеме

Самите се доведовме во ситуација да се надеваме на висок пласман во групата и ќе направиме сѐ за да го постигнеме тоа. Мечот со Словенија ќе биде нашето најдобро издание, затоа што за нас ова е многу важен натпревар, но истовремено и натпревар во кој ќе уживаме. Може да победиме само ако сме како тим и ако играме како што знаеме. Очекувам рамноправна и борба на секој дел од теренот. Верувам во овие фудбалери, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски на средбата со новинарите кога го соопшти списокот со фудбалери за средбите од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година, со Словенија в четврток во Скопје и со Полска, в недела, во Варшава.