Книгоиздателството „ВиГ Зеница“ од Скопје ја објави книгата „Нови драми“ од македонскиот прозаист и драмски автор Томислав Османли. Книгата содржи две пиеси, едната со историска, другата на современа тема: „Нишала од злато“ е посветена на темите на страста, мок?та и суровоста среде стоичката мултикултура на Балканот; а пиесата „Враќање дома“говори за изневерените и заборавени вредности, што ги тера младите да се отуѓуваат и да заминуваат од земјава.
– Двата драмски текста се сосема блиски според густата драмска структура, според тревожните трагични судбини на ликовите и според основниот симбол – домот, главниот стожер врз кој се потпираат разгранетите идеи, богатите социолошки, политички, културолошки, психолошки анализи, кои толку убедливо и јасно ни ги принесува нивниот автор – истакнува книжевникот и издавач Глигор Стојковски во својот аналитичен вовед во книгата.
Драмите на Османли се проследени со исклучителните поговори на двајца истакнати литерати и критичари: „Анатомија на драмата на страстите“ од акад. Ферид Мухиќ и критичката согледба „Пред налетот на епохата на безумието“ од Ристо Лазаров.