Иако договорот беше склучен одамна, Илија Несторовски денеска беше претставен како ново засилување на „Дачија арена“ на Удинезе во прва средба со новинарите.
По две сезони во Серија Б со Палермо и уништувањето на надежите дека клубот ќе се врати во највисокиот ранг на фудбалот во Италија, Несторовски повторно ќе биде во италијанската елита.
– Благодарам на клубот за довербата која ја покажа и сакам да им вратам со тоа што го правам најдобро, со голови. Шест години во низа постигнувам двоцифрен број на голови, така што повторно е целта да се има над 10 голови. Иако во последно време имам и асистенции, главата цел е да се постигнуваат голови – вели Несторовски.
Новинарите на прес-конференцијата го запрашаа македонскиот репрезентативец зошто две години останал во Серија Б, покрај неговите квалитети кои очигледно се над тоа ниво, на што Несторовски одговори дека сакал да му помогне на Палермо.
– Останав две години бидејќи во првата Палермо испадна и сакав веднаш да помогнам да се вратиме во Серија А. Имав и други понуди, но за мене Удинезе е клуб кој претставува скок во мојата кариера – додаде Несторовски.