Иницијативата „На точак“ која интензивно се бори за подобри услови за сите кои возат велосипед, започна акција за создавање притисок врз градските власти, МВР и другите институции за расчистување на сообраќајниот метеж во главниот град и кревање на свеста кај граѓаните за намалување на користење на автомобилите.
Со пораките „не си заглавен во сообраќај, ти си сообраќај“ и „избери точак, одглави се“, од иницијативата порачуваат граѓаните да ги заменат автомобилите со велосипеди, пешачење и јавен транспорт за намалување на метежот во Скопје.
– Точно е дека не секој од нас може да се качи на точак и да го замени својот автомобил како превозно средство. Некои немаат точак, некои се чувствуваат небезбедно заради недостаток на велосипедска инфраструктура, некои не се доволно физички силни, но повеќето од нас едноставно се заглавени во изборот што некогаш го направиле, да се возат во автомобил без разлика на сè. Макар и заглавени. Одглави се. Избери точак! Избери пешачење! Избери јавен транспорт! И притисни да се подобрат – порачуваат од иницијативата на својот Фејсбук-профил.