Новоизбраниот грчки премиер вчера ја положи свечената заклетва

Лидерот на грчката конзервативна партија Нова демократија, Киријакос Мицотакис, по убедливата победа на предвремените парламентарни избори, ќе ја преземе власта кај нашиот јужен сосед. По подолг период во Грција на власт се враќа десничарската партија Нова демократија, која наедно беше и критичар на Алексис Ципрас, неговата партија СИРИЗА и на Преспанскиот договор. Токму последново беше предмет на засилен интерес и длабоки дилеми во нашата јавност, за судбината на Преспанскиот договор и поддршката на Македонија на патот кон ЕУ, по објавата дека Мицотакис ја презема власта во Грција

Односот на новиот грчки премиер Киријакос Мицотакис кон договорот од Преспа е добро познат во јавноста. Добро е познато дека истиот тој е доминантно критички. Оттука во јавноста се и дилемите дали неговото стапување на владината сцена во Атина, значи и проблематизирање на Преспанскиот договор или, во најмала рака, генерирање нови, политички, административни или какви било други пречки од страна на Грција за нашата држава да биде што побргу членка на ЕУ.

Некои од соговорниците велат дека новата влада во Атина ќе биде конструктивна во однос на властите во Скопје и договореното од Преспа. Според нив, не се очекува некое нарушување на билатералните односи на двете земји, иако Мицотакис за време на изборната кампања неколкупати истакнуваше дека ќе ја блокира земјава со вето на нејзиниот европски пат.
Новинарката и уредничка на грчката национална телевизија Антена, Стефанија Мурелату, во изјава за „Нова Македонија“ вели дека новиот премиер Мицотакис нема да се обиде да ги загрози или прекине сегашните односи со Северна Македонија, но за тоа дека тие ќе одат во нагорна линија, таа воопшто не е убедена.

– Неговата партија, како што е познато, се спротивстави на договорот за името на Македонија, но Мицотакис неколкупати во кампањата рече дека, сепак, ќе го почитува Преспанскиот договор, иако тој го задржа правото да го блокира македонското пристапување во Европската Унија доколку оцени дека не биле исполнети националните интереси. Иако ваквата разврска е многу малку веројатно дека ќе се случи, сепак, според мене, мислам дека новиот премиер внимателно ќе ги следи процесите на имплементирањето на договореното од Преспа, особено на комитетите за образование, кои треба да заседаваат повторно деновиве. Тука сакам да додадам дека новиот премиер Мицотакис нема да ги загрози релациите со Скопје, но во исто време не сум доволно убедена дека досегашните топли билатерални односи, кои ги имаа Ципрас и Заев, многу тешко ќе се задржат – објаснува Мурелату.

Уредничката на грчката национална телевизија Антена, додава дека не треба да се очекува никаква радикална промена во односите на двете држави и подвлекува дека ќе се задржи конструктивноста меѓу двете страни.

Од друга страна, професорот Атанас Козарев вели дека новиот премиер во Грција накратко во периодот што следува ќе се обиде да направи опструкции во спроведувањето на договорот од Преспа, за да се докаже и самиот да ја оправда довербата пред гласачите во Грција, кои му го дадоа гласот на последните избори.

– Нашиот проблем, реално, нема да биде само во Мицотакис, туку и во сите други земји-членки на ЕУ, кои ќе нѐ следат за време на отворањето на сите поглавја од преговорите со ЕУ. И тие како и Мицотакис имаат можност да нѐ блокираат доколку ние потфрлиме нешто во критериумите, откако наесен би го добиле тој долго очекуван датум на преговори со Брисел. Оттука мислам дека Мицотакис во наредниот период е можно да направи некакви обиди во зависност од поглавјата на земјава, подетално да се преговара со нас, но и дека тој ќе нѐ закочи директно не сум многу уверен. Како и да е, македонските власти треба да бидат внимателни и професионално да ги спроведуваат точките од договорот – вели Козарев.

Инаку, во изборната кампања на Мицотакис, Преспанскиот договор беше окарактеризиран како штетен за грчките интереси, иако, според него, тој е правно-обврзувачки. Во интервју за белгискиот весник „Ле соар“ Мицотакис изјави дека нема да се откаже од правото на вето за пристапувањето на соседната држава во Европската Унија. Претходно, пак, одговарајќи на новинарски прашања, тој изјави дека според Преспанскиот договор Грција не може да стави вето на почнувањето на пристапните преговори за членство на земјава во ЕУ. Домашната јавност го памети Мицотакис како критичар на Преспанскиот договор, особено во делот на условите како и кога треба да се користат термините „Македонија“ и „македонски“ кај приватните фирми. Трговските ознаки и имиња за комерцијална намена не беа договорени со Преспанскиот договор, туку Македонија и Грција се согласија „да ги охрабрат своите деловни заедници“ преку искрен дијалог да постигнат заемно прифатливи решенија, за кои новиот премиер на Грција најмногу се противеше.


Заев му честитал на новиот грчки колега

Премиерот Зоран Заев вчера остварил телефонски разговор со Киријакос Мицотакис, претседател на Нова демократија и нов премиер на Грција. Од владината прес-служба соопштија дека Заев му ја честитал победата на Мицотакис, посакувајќи ѝ на Грција просперитет и благосостојба. Двајцата премиери изразиле надеж дека ќе продолжи соработката меѓу двете земји, во очекување на нивната прва средба како премиери. Премиерот Заев ги потврдил позициите дека Грција е стратегиски партнер на Македонија и нагласил дека со овие избори земјата уште еднаш покажува дека е водечка во регионот, како најсилна и најстабилна демократија, долгогодишна членка на ЕУ и на НАТО. Заев исто така упатил и благодарност до досегашниот премиер на Грција и лидер на СИРИЗА, Алексис Ципрас, за решавањето на спорот што 27 години ги попречуваше билатералните односи меѓу двете држави и народи.

[email protected]