Мадагаскар, на 108-та позиција на листата на ФИФА, ремизира во својот прв меч на првенствата на Африка, а Уганда,вицешампионот од 1978 година, ја забележа првата победа по 41 година пауза на континенталните првенства
Мадагаскар и Уганда ги обележаа првите мечеви на фудбалскиот Куп на нациите на Африка во Египет, со историски резултати. Мадагаскар го направи тоа на своето деби на континенталниот шампионат со нерешениот резултат против Гвинеја во Александрија, во меч од групата Б.
Сори Каба ја донесе Гвинеја во водство во 34-та минута, но Мадагаскар, на 108-та позиција на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), реагираше со два гола за шест минути во вториот дел преку Аничет Андрианантенаина и преку Чарлс Карол Андриамахитсиноро. Гвинеја освои еден бод со прецизно изведениот пенал во 66-та минута од Франсоа Камано. Во истата група, претходно, Нигерија го победи Бурунди со 1-0.
Уганда, пак, ја забележа својата прва победа на првенството на Африка по 41 година пауза, откако го изненади ДР Конго во групата А. Патрик Каду го отвори резултатот, поаѓајќи по корнерот, во 14-та минута. Во 48-та минута Емануел Окви ја сврте топката по слободниот удар за победа со 2-0. Во истата група Египет го совлада Зимбабве со 1-0, во првиот натпревар на турнирот во петокот.
Уганда ги загуби сите три натпревари во групната фаза на првенството во 2017 година, што беше нивниот прв настап на Африканското првенство по 1978 година, кога го освои второто место.
Во третиот меч во саботата Нигерија победи уште еден дебитант, Бурунди со 1-0. Третата репрезентација што првпат игра на шампионатот на Африка, Мавританија, е во групата Е и своето деби треба да го има денеска, на дуелот со Мали.
Шампионатот што се игра во Египет е 32-от по ред, а титулата ја брани Камерун. Египет е најтрофеен со седум титули, а потоа следуваат Камерун со пет, Гана со четири, Нигерија со три, Брегот на Слоновата Коска и ДР Конго со по две, Замбија, Тунис, Судан, Алжир, Етиопија, Мароко, Јужна Африка и Конго со по една титула.
Во следната фаза на првенството ќе се пласираат по две првопласирани репрезентации од секоја од шесте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните селекции.