Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа играше во третото финале во јуни во игра на двојки, овој пат на тенискиот турнир во Шведска за вкупен награден фонд од 25.000 долари. Таа и Русинката Анастасија Комардина загубија во финалето од Ана Данилина од Казахстан и Емили Арбутнот од Велика Британија со 6-3, 2-6, 4-10.

На истиот турнир во поединечна конкуренција Ѓорческа загуби од Комардина, во четврт-финалето. Се очекува нов напредок на листите на ВТА за Ѓорческа, која до минатиот понеделник беше на 387-то место во поединечна и на 547-то во конкуренција на двојки, каде што некои неофицијални интернет-страници специјализирани за ранг-листи на тенисери во живо, најавуваат скок за осумдесетина места.