Собраниската комисија за надворешна политика денеска ќе го разгледува предлог-законот за ратификација на спогодбата меѓу Македонија и Албанија за основање културно-информативни центри во двете земји. Овој предлог-закон беше прифатен на седница на Владата, на 21 мај, а според образложението, „со спогодбата се воспоставува правна рамка за основање културно-информативни центри, преку кои уште повеќе ќе се интензивираат релациите во сите дејности од областа на културата, презентација и афирмација на културите на двете земји, како и институционално поврзување на субјектите од Македонија и од Албанија што би резултирало со голем број заеднички проекти и иницијативи“.
Отворањето на културните центри, се наведува во соопштението на Владата, ќе придонесе за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста, ќе овозможи навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во двете држави и ќе претставува мост за зближување и заемно запознавање меѓу народите.