Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, претседателот на Советот во општината и претставници од Собранието на Република Северна Македонија, извршија увид на градежните работи околу реконструкцијата на патот Прилеп-Прилепско езеро.
Станува збор за патен правец во должина од 8 километри, од кои минатата година со градежни зафати беа опфатени 2 километри за што беа издвоени 160 илјади евра средства од ЈП за државни патишта и 160 илјади евра од општина Прилеп.
Оваа година со рехабилитација ќе бидат опфатени околу 4,2 километри од патниот правец Прилеп-Прилепско езеро, инвестиција од 520 илјади евра, обебзедени од буџетот на ЈП за државни патишта.
– Овај пат согласно консултациите кои ги имавме со изведувачите ќе биде целосно саниран и реконструиран до почетокот на август. Сакам да потенцирам дека во делот на Пелагонискиот регион, покрај овај пат кој што се реконструира се работи на патот од Градско до Дреново, се работи во делот на Битола – Демир Хисар, направена е обиколницата околу Битола, направен е патот од Битола до Новаци, се предвидува да бидат направени патот од Крушево, Кривогаштани – Крушево и се работи на проектирање на автопатот од Прилеп до Битола. Исто така ќе се реконструира постоечкиот пат од Битола до Меџитлија и паралелно се работи на проект за експресен пат од Битола до Меџитлија – изјави министерот Сугарески.
Градоначалникот Илија Јованоски рече дека освен реконструкцијата на патот Прилеп – Прилепско езеро која се прави со средства од ЈП за држани патишта Општина Прилеп ја реализира својата годишна програма за улици и патишта.
– Во тек е изведувањето на ударните дупки по сообраќајниците во градот, почната е реконструкцијата и рехабилитацијата на одреден број улици, денес се работи на улицата „11 Октомври“, ќе следи „Стеван Апостолоски“ потоа „Ѓорѓи Димитров“ и сите што се предвидени во програмата за оваа година. Оваа година ќе се асфалтираа сите неасфалтирани улици во Прилеп. Онаму каде што се задира во приватно право и има нерешени имотно правни односи,апелирам до сите граѓаните да дојдат во општина со цел да се регулираат сите прашања за да можат и тие улици да се асфалтираат – рече градоначалникот Јованоски.
Од наредната недела како што потенцираше градоначалникот Јованоски, ќе започне реконструкцијата и изградбата на нов мост на улицата „Трајко Нилолоски“ во населбата „Сточен пазар“ каде ќе биде реконструирана и патната инфраструктура до крајот на месец октомври се со цел да се олесни сообраќајот во овој дел од градот.