Несомнено дека Зоран Заев внесе еден нов политички наратив, кој не се поврзува со минатото, туку е свртен кон иднината, но скинатите конци на довербата ќе се влечат зад него и неговата партија уште долго време. Преземениот ризик за формирање нова влада не е лесен политички и технички процес, уште помалку ветувачки дека навистина нешто големо прекуноќ ќе се промени
По летот над Олимп, по достигнувањето на политичките олимписки височини, претседателот на Владата на Северна Република Македонија Зоран Заев се спушти на земја. По многубројните јавни меѓународни вербални пофалби што не ги доживеал ниту еден политичар од Македонија за спогодбата од Преспа за промена на името на државата, по предлозите за номинирање и добивање Нобелова награда за мир, по серијата средби со големите европски лидери, се врати во новоименуваната држава. За жал, него го пречека старата, сурова македонска реалност, која не ја забележуваше или со добронамерна сила се трудеше да ја направи поинаква одошто е.
По речиси долго време објавување, според него, радосни вести за граѓаните, овој прогласен јунак на нашето време, виде дека состојбите во државата не се такви какви што беа официјално прикажувани или какви што нему му ги прикажувале блиските соработници и коалициски партнери. Вестите и настаните што го пречекаа по долгиот пат низ меѓународните лавиринти не се најтажни, но не се и за радување. И самиот увиде дека по низата победи дојде период на неколку, што ситни што покрупни, порази што ги доживеаја и партијата што ја предводи и Владата на чие чело е веќе две полни години.
Победите беа Пирови, поразите заканувачки и за партијата и за Владата, по траењето на неговата власт. Најавените чудесии не се остварија, оптимистичките ветувања останаа без покритие. Платите не стигнаа до 500 евра просек, злоупотребите на тендерите не запреа, бомбите не замолкнаа, државата не заздравува и по сите дадени нужни лекарства и примени терапии. Партиските другари се заморија не можејќи да го следат неговото спринтерско темпо, некои од министрите протрокираа или се држат во лер. Партијата и со него не се излечи од старите болки какви што се традиционалната ароганција кога е на власт, меѓусебните партиски подбуцнувања и подметнувања како и од немањето изострено чувство за народните маки и потреби. На меѓународен план НАТО се ближи, ЕУ се оддалечува од предвидената и посакувана орбита.
На Север ништо ново. Зоран Заев не го избегна проклетството на средината на мандатот што ја следи секоја влада на независна Македонија. Како што се случува криза во средните години од животот на луѓето, на мажи и жени, таква криза доживува и Владата, ако се има предвид дека и таа е своевиден жив организам. Ако се погледне кратката хронологија на овој највисок административен орган на државата ќе се увиди дека нема влада, која кон средината на мандатот не доживеала криза, не направила мали или големи кадровски промени и ротации во своите состави. Владите не паѓале, но се одржале благодарение на смена на коалициски партнери, (раскинување со едни, братска љубов со други), на неочекувани реконструкции, кадровски прераспоредувања и министерски смени, на нови лажни ветувања, на шминкерски потези. Секако дека не смее да се заборави и „моделот“ на поткупи на пратеници во разна материјална и нематеријална форма, што стана јавен чин во македонската собраниска (парламентарна) практика. Почнувајќи од легендарниот Амди Бајрам преку осумттемина вмровски „предавници“ до сите оние простосмртни фатени во орото на непотизмот, наводна болест што не е ниту нова, ниту ќе се излечи.
Со исклучок на првата влада на Никола Кљусев, која не дочека повеќе од 12-13 месеци, сите други на половината од четиригодишниот мандат се нашле во позиција да им се заканува паѓање од власта и заминување во опозиција. Првата влада, изгласана на изборите во 1994 година, што ја предводеше Бранко Црвенковски од Социјалдемократскиот сојуз, драматично се промени кон почетокот на 1996 г. по раскинувањето на коалиција со либералите на Стојан Андов, а нешто подоцна и со отстранувањето од Владата на Љубомир Фрчковски и неговите приврзаници. Уште понеочекуван беше распадот на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива, која убедливо победи на изборите во 1998 г., а траеше до 2000-та. Второто доаѓање на чело на Владата на Бранко Црвенковски се прекина на половина пат кога тој од претседател на Владата стана претседател на државата по трагичната смрт на Борис Трајковски. Владите на Хари Костов и на Владо Бучковски беа во криза уште пред да почнат да работат и не случајно нивните мандати завршија со видлив крах. И Никола Груевски во првите години од мандатот, кој не само од своите сопартијци, туку и пошироко беше воздигнуван во облаци како суперполитичар и економски херој, во средината направи коперникански пресврт – ја напушти коалицијата со Мендух Тачи и од 2008 година, безмалку десет години беше во коалиција со ДУИ на Али Ахмети.
Во овој контекст интересно е да се спомене дека, за разлика од мандатите на владите, доста потрајни се мандатите на претседателите на владејачките партии. Андов на чело на либералите беше речиси дваесет години, исто толку Црвенковски на СДСМ, Љупчо Георгиевски со првото ВМРО беше 13 години, Груевски со второто владееше 15 години, (ако не владее и сега од Будимпешта), а Али Ахмети го води ДУИ 18 години, сметајќи го и неговиот воен период, кога наместо партија водеше вооружена организација. Меѓу доајените со долг партиско-коалициски стаж, секако, се вбројува и Љубисав Иванов-Ѕинго со неговата Социјалистичка партија.
Историјата се повторува, на ист начин, но во различна форма и со различни актери. На средината од мандатот, Заев без да раскинува коалиции се обидува да направи, (ако направи) посериозен пресврт и во партијата СДСМ и во Владата. Но од пресвртот нема да се види ништо значајно ако таа кампања се сведе само на смена на луѓе, ако не се сменат моделот, пристапот, филозофијата на владеењето на СДСМ кога е на власт, ако не се направи она што пишува во нејзината програма и во нејзините изворни документи. И ако не се сфати дека помина долго време, дека веќе не функционираат изговорите и оправдувањата со претходната лоша власт и со неконструктивната опозиција.
Несомнено дека Зоран Заев внесе еден нов политички наратив, кој не се поврзува со минатото, туку е свртен кон иднината, но скинатите конци на довербата ќе се влечат зад него и неговата партија уште долго време. Преземениот ризик за формирање нова влада не е лесен политички и технички процес, уште помалку ветувачки дека навистина нешто големо прекуноќ ќе се промени. Употребата на метлата, таа несреќно прифатена, простачка и примитивна метафора, што го чисти најпрвин сопствениот двор, не мора да значи почнување на нов весел, среќен ден. Разумниот оптимизам во оваа акција можеби е потребен, претераниот знае жестоко да се одмазди.
Сега е вистинското, сега се поставува клучното прашање пред Заев и пред Социјалдемократскиот сојуз. А тоа е дали партијата ќе ја носи државата напред или државата (Владата) наскоро ќе ја згази партијата.
pande.k@novamakedonija