„Прва препорака“

Тезата што и домашните и странските политичари и дипломати ја ширеа долго време, дека променетото име е всушност клучот што ја отвора европската врата, може лесно да падне во вода доколку токму Брисел го погази зборот и не ги одржи ветувањата

Еврокомесарот за проширување во заминување, Јоханес Хан, неделава застана цврсто зад препораката за преговори за членство со Северна Македонија. Хан, заедно со шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини, во средата, го презентира извештајот на ЕК за напредокот на земјава на својот пат кон ЕУ. Двајцата во своите излагања ги употребија сите расположливи докази, образложенија и аргументи за да ги добијат на своја страна земјите-членки на ЕУ дека нивната одлука за почнување на преговорите на земјава со Унијата треба да биде потврдена и дека таа ќе биде пресвртница како за нас така и за Западен Балкан. Во аргументите на Хан и на Могерини пред европската јавност беше посочено дека Северна Македонија преку постигнатиот договор со Грција, во однос на надминувањето на проблемот за името, во исто време напреднала во повеќе области и забележала повеќе резултати, и тоа со владеењето на правото, судството, борбата со корупцијата, организираниот криминал, разузнавачките служби….. Од друга страна, нивен недостаток во презентирањето на извештајот беше што се на заминување, а долги се процедурите но и фактот дека евроизборите наложуваат смена на целокупниот сегашен персонал, кој досега беше насочен кон проширување на Унијата со нови членки. Бидејќи ова е прва препорака за преговори на Северна Македонија, по претходните девет препораки пред да го смениме името, сега се поставува прашањето дали конечно ЕУ и Советот на Европа ќе ја уважат препораката што ни ја дава комисијата веќе со години, или и оваа ќе остане евроинтеграција на хартија и лет во место, земајќи ги предвид сите препораки за преговори што не се остварија цела една декада? Тезата што и домашните и странските политичари и дипломати ја ширеа долго време, дека променетото име е всушност клучот што ја отвора европската врата, може лесно да падне во вода доколку токму Брисел го погази зборот и не ги одржи ветувањата.

Бидејќи ова е прва препорака за преговори за Северна Македонија, а деветта за Македонија, откако ЕУ сега ни напиша во извештајот дека до крајот на годинава треба да ги почнеме реално, дилемата што се поставува е дали конечно ЕУ и Советот на Европа ќе ја уважат препораката што ни ја дава комисијата веќе со години, или и оваа ќе остане евроинтеграција на хартија и уште еден лет во место, земајќи ги предвид сите препораки за преговори што не се остварија дури цела една декада?

Во исто време, не треба да се биде некој екстремен познавач на состојбите за да се сфати дека одлуката треба да се протне на „стаклени нозе“ во Стразбур и дека ако има волја кај земјите-членки да ја остварат пред доаѓањето на новата Европска комисија во ноември, ќе мора да применат некакви иновативни решенија. Паралелно на ова, пораките што доаѓаа пред објавувањето на писмениот документ на ЕК од Париз и од Берлин не говореа дека дури и земјите, кои ни се најголеми поддржувачи во Унијата, како Германија, ќе се претргнат да ја завршат процедурата пред самитот на министри на ЕУ на 21 јуни следниот месец. По него следува друг, кој е некаде во средината на октомври, а дотогаш веќе треба да биде оформен новиот состав на европскиот парламент, во Атина ќе има нова влада, која може дополнително да го искомплицира процесот, бидејќи за сево ова време Нова демократија, партијата во подем, го негираше договорот од Преспа заканувајќи се со вето за Македонија на нејзиниот европски пат.

Во меѓувреме, европските челници меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон, се со став дека на Унијата, по изборите, неопходни ѝ се внатрешни реформи за нејзино нормално натамошно функционирање, па потоа какво било проширување кон кое ние целиме.

Сепак, едно е кристално јасно, а тоа е дека и покрај тоа што добивме силна и кристално чиста препорака за преговори, го надминавме долгогодишниот спор за името, испорачавме многу реформи, сѐ уште не ни е јасно што ќе добиеме за тоа и дали воопшто нешто ќе добиеме?

Без разлика на исходот, земјава и натаму ќе мора да продолжи со реформите
пред сѐ и заради нас самите. Понатаму, важната причина за случувањата, која не зависи од другите туку од нас самите, има економска заднина. Општ познат факт е дека да се стигне до пред портите на ЕУ треба прво да се средат состојбите дома, но и да се подигне економијата на повисоко ниво.

Од друга страна, и на Брисел му останува да размисли дали ќе го потроши кредибилитетот барајќи нови изговори во однос на Македонија или овој пат ќе заземе поинаков курс кон нашата држава. Време е ЕУ да ја стави Македонија во Европа, зашто ако потфрли и овој пат, и со секое дополнително одложување на започнувањето на преговорите ќе влијае демотивирачки на нашето општество и ќе има сериозни импликации врз спроведувањето на европските процеси.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]