Во сезоната 2019/2020 македонскиот машки ракомет ќе има четири претставници во
европските купови, односно еден во ЛШ и три во Купот на ЕХФ, а ќе нема во Челинџ-купот
Благодарејќи на успешните настапи на Вардар, Металург и на Еурофарм Работник во европските натпреварувања, македонскиот машки клупски ракомет остана на истото високо седмо место како и досега со 58,11 бода. Тоа значи дека и во сезоната 2019/2020, Македонија ќе има четири претставници во европските купови, односно еден во Лигата на шампионите (ЛШ) и три во Купот на ЕХФ, а ќе нема во Челинџ-купот.
Ваквиот распоред го имаат и Шпанија, Унгарија, Полска и Данска, додека Франција и Германија покрај едното загарантирано место во ЛШ, ќе имаат четири во Купот на ЕХФ, но без настап во Челинџ-купот.
На листата најуспешни се Франција и Германија со 146,67, односно 130,33 бода, додека пад од две места остварија екипите од Словенија и од Хрватска, но и тие остануваат во групата со по еден претставник во ЛШ и Челинџ-купот, но и два во Купот на ЕХФ.
Така во идната натпреварувачка сезона од Македонија во ЛШ пак ќе игра Вардар, во Купот на ЕХФ Металург и Еурофарм Работник, а набргу ќе биде познат и последниот учесник во овој куп, односно четвртопласираниот во домашното првенство, кое уште се игра.