Не знам дали во битката против допингот ќе може некогаш целосно да се победи, но во секој случај може подобро – повеќе истраги, повеќе обуки за моралот, подобрување на тестирањето и на известувањето и повеќе и подобро опремени лаборатории, вели Ретклиф (44), светската рекордерка во маратон

Британката Пола Ретклиф (44), светската рекордерка во маратон, од Лондон 2003 година (2:15,25 часа) ќе биде промоторка на годинашниот Скопски маратон, кој ќе се одржи в недела.

Таа е една од атлетските легенди, победувала на сите позначајни светски маратони, и тоа по трипати во Лондон (2002, 2003, 2005) и во Њујорк (2004, 2007, 2008) и еднаш во Чикаго (2002). Ретклиф е и поранешна светска првенка во маратон, од Хелсинки 2005 и трикратна во полумаратон (2000, 2001 и 2003), учествувала на четири летни олимписки игри (ЛОИ), во Атланта во 1996 година, Сиднеј 2000, Атина 2004 и Пекинг 2008 година, но не се закити со медал. Во Атина беше главна фаворитка за златен медал во маратон, но не ја заврши трката, исто како и таа на 10 км. Во Пекинг 2008 беше 23-та во маратон, а најблиску до медал беше во Сиднеј, каде што беше четврта во трката на 10 км.

Ретклиф, која деновиве ќе престојува во Скопје, беше љубезна и во ексклузивен разговор специјално за „Нова Македонија“ зборува за славните тркачки денови, за тоа со што се занимава денес, како и за актуелните состојби со светската атлетика.

Како дојде до вашиот ангажман како промоторка на Скопскиот маратон?
– Сум слушнала многу убави работи за маратонот, за почетоците, за тоа како се развива и како напредува во секој поглед. Навистина, едвај чекам да дојдам и да видам колку настанот ќе се збогати и како ќе изгледа сѐ годинава.

Во повеќе пригоди имате изјавувано дека најмногу жалите за неосвоениот златен олимписки медал. Дали со текот на времето таа тага се намалува или се зголемува? Би менувале ли некој од триумфите на маратоните во Лондон, Њујорк или во Чикаго или, пак, светскиот рекорд, за олимписко злато?
– Не. Никогаш не би ги менувала моите достигнувања за олимписко злато. Сите тие триумфи се посебни за мене и за сите сум работела напорно. Не верувам во жалење, само ми е криво што не можев да дадам сѐ од себе на олимписката маратонска трка во Атина, за да видам колку добра би можела да бидам. Во трките на 5.000 и на 10.000 метри дадов сѐ од себе, но, сепак, не бев доволно добра за да победам. Маратонот е многу тешка трка, понекогаш едноставно се случува да кикснете, да доживеете неуспех. Јас се обидов, сторив сѐ што можев во тие мигови, но не жалам за ништо. Повеќе сакам да се потсетувам и сум благодарна за многубројните успешни трки, отколку да жалам за три настани на кои не успеав.

Колку сте инволвирана во атлетиката во моментов, што друго работите, како е со вашиот ангажман како стручна коментаторка на Би-би-си?
– Работам како консултантка во Службата за интегритет во атлетиката, а исто така работам и како менторка и поддржувачка на британските атлетичари на долги патеки. Обожавам да бидам коментаторка за Би-би-си. Кога веќе не можам да се натпреварувам, тогаш следната најпримамлива активност ми е коментирањето. Супертим сме, многу се забавуваме, а сведоци сме и на многу значајни резултати. Патувам и на многу трки, како амбасадорка на трките, уште работам и како амбасадорка на „Најк“, а и како мотивациска говорничка.

Светската атлетика е во постојана борба со допингот. Како гледате вие на тој проблем, може ли да се надмине? Дали има измени во вашиот став за некои предлози за бришење на европските и на светските рекорди поставени пред 2005 година за наводно враќање на довербата во атлетиката?
– Прво, не, не сум го променила моето мислење за рекордите. Мислам дека е подобро да се концентрираме на подобрување на тестирањето и на наоѓањето докази, без разлика колку назад би оделе во минатото. Онаму каде што има доволно докази, треба да се избришат тие времиња, но тоа не значи дека треба двапати да се казнуваат „чистите“ спортисти. Моравме да се бориме против измамите, но и се справувавме со заканите дека ќе ни ги одземат рекордите поради тоа што некои избрале да користат допинг и поради тоа што тестирањето не беше адекватно направено. Не знам дали во оваа битка ќе може некогаш целосно да се победи, но, во секој случај, може подобро. Повеќе истраги, повеќе обуки за моралот, подобрување на тестирањето и на известувањето и повеќе и подобро опремени лаборатории. И најважно, да се издвојуваат повеќе средства за борбата против допингот. Но потребни се и други средства за заплашување и поголеми казни, доживотни забрани и целосна отплата на украдените пари, како и казнување на доставувачите и на дистрибутерите на забранетите супстанции.


Мојот омилен тенисер е Федерер

Кои други спортови ги следите. Фудбал можеби? Може ли Англија да биде светски првак во фудбал во Русија?
– Следам многу други спортови, особено тенисот, а мој омилен тенисер е Швајцарецот Роже Федерер. Уживам во неговите вештини, во страста и во начинот на игра што секогаш ги покажува. Тој е голема спортска личност. Го сакам и фудбалот, но не верувам дека постојат големи шанси Англија да победи на СП. Во секој случај, јас ќе ги бодрам фудбалерите на секој натпревар.