Утревечер, на Малата сцена со почеток во 20 часот, Театар „Јордан Х.К-Џинот“, Велес премиерно ќе ја изведе претставата „Свадбата“, работена по текстови од Алан Бол, Антон Страшимиров, Катерина Момева и документарни материјали, а во режија на Софија Ристевска Петрушева.
– „Свадбата“ е претстава за комплексноста на човечките животи кои што константно се поставени пред нови, непредвидливи предизвици. Свадбата на која што присуствуваат нашите четири ликови е централна точка, главен мотив, за откривањето на многу бизарни и неочекувани меѓучовечки врски. На површина доаѓаат многубројните трауми од минатото кои што го определуваат општествено социјалниот контекст на ликовите. Во овој век на либерален капитализам, каде што финансиите масовно го определуваат нашето секојдневие, човечките животи и индивидуалните приказни се најважното средство за борба против суровата и неповратна глобализација. Свадбата е ринг на бескрајните човечки страсти – потенцира режисерката Петрушева.
Драматуршката адаптација на текстот за претставата е на Катерина Момева, преводот е на Катерина Маркоска, сценографијата е на Филип Коруновски, костимографијата на Катерина Чукниева, кореографијата на Кире Миладиноски, музички соработник е Сашко Костов, а видео и фото материјалот е на Крсте Шупев. Во претставата настапуваат актерите Јордан Витанов, Слободанка Чичевска, Весна Димитрова Бобевски и Славица Манаскова.
„Свадбата“ е втора премиера на Велешкиот театар од сезоната 2019 која театарот ја реализира од сопствени средства. Репризата е закажана за в петок, 10 мај, а билетите за истата се веќе во продажба на билетарницата на театарот.