Во манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, вчеравечер и денеска со богослужби и со замонашување на три искушенички беше одбележана манастирската слава. Манастирската црква и дворот беа претесни да ги примат верниците, гостите, роднините и пријателите на новите монахињи.
Со вечерната богослужба и со процесијата на замонашување и на примањето на новопотсриг, чиноначалствуваше митрополитот г. Тимотеј, надлежен архиереј на Дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, во сослужение со свештенослужители на епархијата и на монаси и монахињи на Бигорскиот и на Раичкиот манастир.
Раичката искушенички Мимоза Менкоска, родена 1989 година во Струга, каде го завршува основното и средното образование, а на Филолошкиот факултет, отсек преведувач од англиски јазик дипломира во 2011 година. Од мај 2016 година е во манастирот „Св.Георгиј Победоносец“ во село Рајчица и манастирско послушание и е пчеларството, a секојдневни обврски и се околу магерницата и митрите. Таа го доби сестринското име Филотеја.
Искушеничката Флорита Танасовска, родена е 1995 година во Битола и во родниот град завршува гимназија, а од февруари 2016 година е во раичкиот манастир и нејзино послушание e да работи во магерницата, градината и на изработка на митри. Фотина е нејзиното сестринското име.
Сестра Христина Спировска родена 1990 година во Охрид, каде го завршува основното и средното образование за туристички техничар, а подоцна дипломира на отсекот за хотелско-ресторански менаџмент. Во манастирот е од февруари 2017 година и нејзино главно послушание е работа во манастирската шивачка работилница.
– Верувам дека вашиот стремеж кон монашкото битисување не е започнат од моментот кога сте ја пречекориле капијата на овој манастир. Верувам дека тој процес се случувал во вашите срца еден подолг временски период, како подготовка за вашата припрема за откажување од светот, додека созреало сознанието дека сте повикани кон овој позив. Ние како верници не веруваме во случајности во животот. Веруваме дека и големите и малите нешта во сечиј живот се случуваат како плод на Божјата промисла. Особено, пак, важните настани не можат да бидат објаснети како случајност. Но, колку еден човек е повикан на поголемо служење – толку повеќе, без сомневање, тоа се случува по волјата Божја. Од житијата на светиите знаеме дека избраниците за духовен подвиг биле повикани уште од мајчинската утроба за подвижништво и служење – истакна митрополитот г. Тимотеј, честитајќи им го замонашувањето на трите монахињи.
Љубовта кон Бога, да му се служи нему и на народот е заедничкиот мотив на трите сестри кои се вброија во монашките редови и го зголемија сестринството во Раичкиот манастир. Радосни беа монахињите и нивните блиски роднини кои беа возбудени. Посебно беа среќни нивните родители кои од се срце ги благословуваа своите чеда за овој ангелски подвиг.