Одѕивот на гласањето на првиот круг од Претседателските избори до 13 часот изнесува 20,45 проценти. Портпаролот на Државната изборна комисија Љупка Гугучевска на прес-конференција соопшти дека од пристигнатите податоци од 75,57 отсто од избирачките места до 13 часот гласале 284.942 гласачи.
Меѓу општините со најголем процент на излезност се Прилеп со 35,2 проценти, Новаци 33,12, Свети Николе 31,10, Неготино со 29, 02 проценти, Пробиштип 30,62, Ранковце 30, 63 проценти, Демир Капија 32,75 проценти, Кратово 30,53 и Вевчани со 29,54 проценти.
Најниска излезност до 13 часот имаат општините Липково 5,43 проценти, Желино 6,62 и Врапчиште 7,5 проценти.
Во Охрид, Ново Село и Дебар каде има и предвремени избори за градоначалници, гласањето тече непрекинато. Излезноста во Дебар е 17, 57 проценти, во Ново Село 21,27 и во Охрид 26,18 проценти.
До ДИК пристигнати се два приговори од граѓани кои не се пронашле во Избирачкиот список на избирачкото место каде отишле да гласаат. Приговорите се одбиени од причина што граѓаните имале важечки лични документи, но, подвлече Гугучевска, се издадени по завршувањето на јавниот увид со што немало можност да се пријават и нивните податоци да бидат ажурирани во Избирачкиот список.
На сите гласачки места, посочи, од почетокот од 7 до 13 часот гласањето тече непрекинато и без проблем. До ДИК, информира Гугучевска, пристигнала потпишана изјава од Општинската изборна комисија на гласачкото место во Студеничани 2344, каде гласањето нема да се одржи, а според која гласачкото место не е отворено бидејќи според непотврдени сознанија има нерешени локални проблеми.
На новинарско прашање за прекршувања и инциденти за време на гласањето во Струмица, Аеродром и Здуње, Гугучевска потенцира дека ДИК е постојано е во комуникација со општинските изборни комисии и сите случаи се евидентираат. – Гласањето не е прекинато на ниту едно од овие избирачки места, рече портпаролката на ДИК.
Гугучевска уште еднаш истакна дека од страна на ДИК се преземени сите неопходни мерки во изминатиот период за заштита на сите податоци кои ги има на веб страницата, вклучително и на платформата избирачкисписок.гов.мк.