Под наслов „Рудиќ галерија“ утревечер во Скопје, во 20 часот, ќе биде отворена нова галерија, изложбено место за фотографија и за визуелни медиуми на фотографот Боро Рудиќ. Отворањето е со изложба на Рудиќ на која ќе бидат поставени 24 фотографии од неговите последни циклуси „Настанување – Исчезнување“ и „Излез“.
– Наша цел е организирање и презентирање изложби на реномирани автори и промовирање нови таленти и нивното патување во запознавањето на визуелната култура. Покрај ова, галеријата ќе биде место каде што љубителите на уметноста ќе можат да ги купат нивните дела, како и место за дружење и разговори за фотографијата. Сите заедно да создадеме простор исполнет со позитивна и креативна енергија – најавува Рудиќ.