Во организација на Здружението ,,Кралеви на патиштата”, во Делчево се одржа четврта изложба на олдтајмери. На популарното ,,Ретрокар шоу – Делчево 2019″, учествуваа над 70 возила како од градот домаќин, така и од неколку градови од Бугарија, Србија и Грција.
– По четврти пат во Делчево го организираме овој настан кој го побуди интересот кај сопствениците на стари автомобили кои ги имаше од неколку земји од Балканот. Задоволни сме што од година во година интересот за учество расте и се надевам дека оваа манифестација ќе прерасне во традиција. Имаме доста стари автомобили од американски бјуик, до познатата руска волга, шведски сааб и други возила кои со љубов се негувани од нивните сопственици – рече организаторот Лоренцо Трајановски, кој е претседател на делчевското Здружение.
Организаторот додели три награди за учесниците, а наградата за најстар автомобил замина во рацете на скопјанецот Љупчо Трајковски и неговиот ,,опел капитан” произведен 1941 година.
– Автомобилот датира од пред 78 години, има мотор со шест цилиндри, 2.500 кубика, 55 коњски сили, максимална брзина достигнува 130 километри на час, 13 литра потрошувачка и 13 тони тежина. Автомобилот го имам од пред 10 години, беше оставен на заб на времето, успеав да го реставрирам. Во Делчево дојдовме на покана на вашиот клуб каде гледам познати лица со нивните возила со кои се знаеме од други манифестации. Благодарност до организаторот за наградата – истакна Трајковски.
По завршувањето на церемонијата на доделување награди учесниците напрабија дефиле низ делчевските улици при што беа бурно поздравени од граѓаните. Четвртата изложба на олдтајмери се реализираше под покровителство на Општина Делчево.