Грчкиот премиер Алексис Ципрас размислува за распишување на вонредни парламентарни избори, откако серијата иницијативи, чија цел беше подобрување на паднатиот рејтинг СИРИЗА, не вродија со плод, пишува грчки „Катимерини“. Ваквите шпекулации се засилија на неколку недели пред локалните избори, но и изборите за Европскиот парламент (ЕП).
Конзервативната Нова демократија (НД) ја одржува големата предност пред левицата на СИРИЗА, од околу 10 процентни поени. Јавното инсистирање на Ципрас дека парламентарните избори треба да се одржат во октомври, започнува да звучи неубедливо, и повторно ги подгреа гласините за предвремени избори во јуни.
– Премиерот има само уште неколку можности за да го подобри рејтингот на својата партија и можноста за победа на следните избори, но тие најверојатно нема да направат значителна разлика – констатира „Катимерини“.
Една од најновите иницијативи на Владата претставува олеснување на економскиот товар на Грците, со реформа која им дозволува на даночните обврзници да ги платат своите долгови кон државата на 120 рати. Се смета дека таа оди во прилог на СИРИЗА, но недоволно за да направи разлика на изборите, посочуваат грчките аналитичари.
Ципрас, исто така, се потпира и на придобивки од спорниот договор од Преспа, но неговата неодамнешна посета на Скопје покажа дека нема конкретно решение за загриженоста на грчките компании околку заштитувањето на брендот „Македонија“.
Неколкуте позитивни одлуки на Ципрас и на неговата коалиција незначително би го подобриле рејтиног на СИРИЗА пред изборите, но во реалност, анкетите покажуваат дека тој и неговата партија немаат растечка поддршка. Според „Катимерини“, премиерот ќе ја донесе одлуката за предвремените парламентарни избори, во следните две недели.