ЃОРЕ ЈОВАНОВСКИ Роден: во 1956 година во Скопје Кариера: Вардар, Самсунспор и Анкарагуџу Успеси: Учество во Купот на УЕФА со Вардар Тренерска кариера: Вардар, Слога Југомагнат, Работнички, Милано Куманово, Металург, Шкендија, Брегалница, Самсунспор (Турција) и ЦСКА (Бугарија), селектор на сениорската репрезентација на Македонија

ЃОРЕ ЈОВАНОВСКИ (1)

Јовановски 16 години беше член за нашиот најпопуларен фудбалски клуб и за него беше резервиран дресот со бројот два. Имаше меѓународна кариера во Турција, а како тренер освои пет титули и еден Куп во Македонија. Еден период беше селектор на нашиот сениорски национален тим

Со името на Ѓоре Јовановски е врзан еден од најубавите периоди на нашиот најпопуларен фудбалски клуб Вардар. Тој почна уште како пионер и четири години беше член на пионерско-младинскиот погон, за во 1974 година да биде приклучен во сениорскиот тим. Тоа беше големо признание за момчето што по почетните игри со своите училишни другари стигна дотаму да заигра за Вардар, за кој уште од детските години мечтаеше. Впрочем, таа желба беше присутна не само кај него, туку кај сите скопски, а и децата од другите македонски градови. Вардар за нив беше голем предизвик, во него ја гледаа шансата за афирмација.

– Времето беше такво, барем јас така чувствував, дека преку Вардар се идентификувавме како Македонци. Тоа уште повеќе ги подгреваше нашите желби да заиграме во него, да ги браниме боите на тимот и со сите сили да им се спротивставуваме на клубовите од поранешната држава – вели Јовановски.

Ѓоре Јовановски, инспириран токму од таа желба не се штедеше, се вложуваше целиот во фудбалската игра и така стигна до најсилниот состав на Вардар. Во почетокот од 90-тите години од минатиот век, кога се направи една ретроспектива на минатото и кога се анализираа резултатите, беше составена најдобрата вардарова единаесетка за периодот кога се натпреваруваше со најсилните екипи од поранешната држава.

– Ми причинува големо задоволство што на спомен-плакета на која се испишани имињата на најдобрата постава на сите времиња се наоѓа и моето име. Ми причинува големо задоволство што токму мене ми припадна честа да бидам прогласен за најдобар меѓу сите оние што го носеле дресот со бројот два – продолжи Јовановски.

Во таа вардарова единаесетка се наоѓаа легендите на клубот, а таа изгледа вака: Драган Мутибариќ, Ѓоре Јовановски, Јосиф Сребров, Кочо Димитровски, Кирил Дојчиновски, Васко Кокиновски (Макара), Мето Спасовски, Петар Шулинчевски, Дарко Панчев, Тони Савевски и Кирил Симоновски-Џина. Навистина, тоа се имиња за почит, кои вечно ќе останат во вардаровата и во македонската фудбалска историја.

ДЕБИ ПРОТИВ СЛОБОДА ОД ТУЗЛА

Но интересно е да се потсетиме како течеше кариерата на Ѓоре Јовановски, најдобриот играч во дресот со бројот два во нашиот најпопуларен клуб. По оние почетни години на созревање во младинската екипа, со оглед на квалитетот со кој располагаше, брзо му се отвори вратата на првиот тим.

– Знаев дека нема да биде лесно и во еден момент, кога ми беше соопштено дека е дојдено времето да се преселам меѓу првотимците, бев пресреќен. Но истовремено чувствував голема одговорност, па дури и страв дали ќе ја исполнам довербата на оние што стоеја зад мене и со кои работев во минатите години. А тоа беа големи фудбалски и тренерски имиња, како Мирко Илиевски, Ванчо Трпевски, Сократ Мојсов, Петар Шулинчевски и Андон Дончевски. Самата помисла дека сум поминал низ нивни раце, од друга страна ме охрабруваше и ми даваше голема надеж – вели тој.

Ѓоре Јовановски, со оглед на неговиот карактер, уште во почетокот од својата кариера покажа дека е максимално дисциплиниран и исполнителен. Кога на ова ќе се додадеа фудбалското знаење и борбеноста, кои го красеа како ретко кој фудбалер, немаше сомнение дека ќе успее. И навистина беше така – заигра на бековската позиција, го облече дресот со бројот два и веќе, додека траеше неговата кариера во Вардар, никому не му го препушти овој дрес. Тој и Кочо Димитровски, кој заигра порано од него во првиот тим, потоа станаа најстандардна двојка во тимот.

– Прволигашкото деби го имав во 1974 година против Слобода од Тузла. Си помислив: дојде моментот за докажување. Влегов бескомпромисно во игра, а мора да кажам дека добив голема поддршка од постарите и поискусни фудбалери, што за еден млад играч е многу битно. Потоа, благодарејќи на големото другарство што владееше во клубот сѐ повеќе добивав самодоверба и за мене повеќе немаше пречки. Интересно е дека кај нас немаше љубомора, си помагавме и кога некому не му одеше, тогаш сите го бодревме и на тој начин настојувавме побрзо да се врати во игра. Нема да е претерано, ако кажам дека дишевме како еден – се сеќава Јовановски.
Уште по првите настапи за сениорскиот тим стана јасно дека со Ѓоре Јовановски Вардар доби фудбалер за еден подолг период. Патот беше отворен, требаше само сигурно да се чекори по него и да се напредува. А за да се постигне сето тоа, требаше да се води еден дисциплиниран живот, во кој со оглед на обврските и кон училиштето, денот во детали требаше да биде испланиран.

– Мојот ден почнуваше во 5.30 часот наутро. Појадок, паралелно со тоа прелистување нешто од училишните задачи и потоа тргнував кон Средното градежно училиште, кое беше доста оддалечено од населбата Маџари, каде што живеевме. Со мојот брат, кој исто така беше фудбалер, се храневме во студентскиот дом. Оттаму на тренинг и се враќав дома во вечерните часови – вели тој.

Нема сомнение напорен ден, кој можеа да го издржат само оние најдисциплинираните. А Ѓоре беше токму таков. Знаеше дека само со еден таков напорен живот ќе одговори на предизвиците – да биде добар и ученик и фудбалер.

НЕЗАБОРАВЕН МЕЧ СО ТРЕПЧА

Кариерата почна да тече како на филмска лента. Се редеа настапите за Вардар, а со тоа убавите и тажните мигови. Од многуте „прегрмени“ мечеви на прволигашката, а еден период и на второлигашката сцена (1976-1979), покрај оние со големата „четворка“, во меморијата на Јовановски посебно му е врежан дуелот со Трепча. Од исходот на овој меч зависеше дали Вардар, по три години играње во Втората, ќе се врати во Првата лига.

– По многуте тренерски експерименти конечно Вардар предводен од прославениот фудбалски ас Стјепан Бобек во 1979 година се врати во елитното друштво. Но патот не беше нималку лесен. За маката и неизвесноста да бидат уште поголеми во последната средба во Скопје требаше да се совлада тогаш силната Трепча. Овој меч, кој ја запали цела Македонија, долго ќе го паметам. Сите бевме нервозни, знаевме дека влогот е голем и пред своите гледачи не смеевме да киксираме. Поведовме со голот на Рингов, постигнат со глава. Трепча не се предаваше и израмни. Конечно од пенал, кој го реализира Мицевски победивме со 2-1 и се вративме во Првата лига – вели тој.

Тоа беа вистински моменти на славење. Вардар повторно се врати меѓу прволигашите.
– Повторно ни се укажа шанса да заиграме на големата сцена. Ова беше добро и за помладите фудбалери, кои селектирани од Бобек, некои порано други подоцна дојдоа во Вардар. Тоа беше периодот кога блеснаа Савевски, Георгиевски, Трајановски, Здравков, Алексовски, потоа Сетинов, Симоновски, Најдоски, Симовски, Урошевиќ, Грошев. Од вардаровиот погон уште како младинци за првиот тим заиграа Панчев, Аврамовски и Тодоровски. Вардар повторно почна да ги грее срцата на љубителите на фудбалот во Македонија. Од овој период, а тоа е првата половина од 1980-тите години одигравме и два антологиски меча со Партизан. Во двата наврата пред своите гледачи го победивме со по 5-0. Тоа никогаш нема да го заборавам – вели Јовановски.

За натамошна кариера на Ѓоре Јовановски како фудбалер, а подоцна како тренер во повеќе клубови и како селектор на македонската репрезентација, ќе читате идната недела.


ЃОРЕ ЈОВАНОВСКИ
Роден: во 1956 година во Скопје
Кариера: Вардар, Самсунспор и Анкарагуџу
Успеси: Учество во Купот на УЕФА со Вардар
Тренерска кариера: Вардар, Слога Југомагнат, Работнички, Милано Куманово, Металург, Шкендија, Брегалница, Самсунспор (Турција) и ЦСКА (Бугарија), селектор на сениорската репрезентација на Македонија