Денес во посета на oпштина Кичево беше амбасадорот на кралството Холандија, Вилем Воутер Пломп , кој при оваа посета најпрво се сретна со градоначалникот Фатмир Дехари, кој го запозна со состојбите во општината, како на економски така и на мултиетнички план.
Потоа холандскиот амбасадор во придружба на градоначалникот, го посетија Центарот на култура, каде што беше поставена изложба како дел од проектот за меѓуетничка толеранција, што се реализира во три општини, Чаир, Гостивар и Кичево. Овие дела беа создадени од учениците на двете средни училишта од Кичево , ОСУ„ Мирко Милески“ и ОСУ„ Дрита“. Најпрво на присутните им се обрати градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари, кој ја истакна важноста на меѓуетничката толеранција и соживот на граѓаните.
– Нашата општина заедно со уште две други општини е вклучена во еден двегодишен проект, кој што се спроведува од Центарот за заедничка база и се финансира од холандската и британската амбасада во нашата држава. Денес со оваа изложба, младите во Кичево преку слики ја изразуваат својата креативност во делот на спречување на насилниот екстремизам. Заедно организираме неколку активности, обуки и дебати со најразлични општествени групи од Кичево, сето тоа со цел за подигање на една национална кохезија, и спречување на девијантните појави во општеството и изградба на општество еднакво за сите – истакна градоначалникот на oпштина Кичево, Фатмир Дехари.
Потоа на присутните во уметничката галерија им се обрати амбасадорот на Холандија, Вилем Воутер Пломп.
– Среќен сум што сум тука што ги гледам вашите слики за спречување на насилниот екстремизам, на една лесна тема, затоа што во Холандија пред неколку дена се случи убиство на три лица од страна на еден човек и тоа само по неколку дена откако се случи страшната трагедија на Нов Зеланд. Ваквите изложби можат да служат да се дојде до една заедничка цел преку уметноста, да се гледа на работите преку очите на некој друг, и мислам основата на тоа е состојките на едно просперитетно општество се почитувањето, толеранцијата и вклученоста – рече холандкиот амбасадор.
Пломп додаде дека на заедниците треба да им се даде простор да се претстават во своето вистинско светло и онакви какви што се.
– Јас под толеранција разбирам да ги прифатиме разликите кои што ги имаме помеѓу себе и разликите во размислувањата. Кога викам вклученост значи да имаме исти прилики за сите без разлика на нивната, социјална, етничка и национална припадност – рече холандскиот амбасадор Воутер Пломп.
На крајот беа прогласени најуспешните две дела од оваа изложба а за најуспешни беа прогласени фотографиите на Петар Настески и Армент Алими, кои од страна на градоначалникот добија вредносни ваучери од по 1000 денари.