Во прилепскиот Основен суд денеска почна и брзо заврши судскиот рпоцес против битолскиот полицаец, 25-годишниот Енвер Тоска кој на свиреп начин го уби својот сограѓанин, 36-годишниот Алили Бекир на 14 септември минатата година чие тело беше пронајдено кај прилепското село Беловодица.
Тоска прв пат ја призна вината за убиството. Останува судскиот совет да ја одреди казната за, како што истакна обвинителството, едно од најтешките и најсвирепо извршени кривични дела, убиство од член 123, став 2. Казната за ова кривично дело е од 10 години до доживотен затвор.
Обвинетиот беше донесен под силно полициско обезбедување.
Според обвинителот Мимоза Мрмеска, обвинителство има сведоци и докази.
– Обвинителството ќе докаже дека обвинетиот го сторил кривичното дело на 14 септември лани околу 16.20 часот со умисла и од користољубие. Тој го подготвувал делото, бил на местото, прво го убил а потоа го запалил телото. Психијатриското вештачење покажа дека обвинетиот Тоска бил пресметлив кога го извршувал едно од најтешките кривични дела, рече обвинителката Мрмеска која побара поради тоа што е едно од најтешките кривични дела, судот да ги цени отежнувачките околности, зашто обвинетиот за да го скрие делото, го полил Бекир со бензин и го запалил.
Семејството на убиениот Бекир бара правда и пријави отштета. Според адвокатот на семејството Емил Гугучаски, ова е прво признавање на вина.
-Енвер Тоска беше обвинет за едно од најтешките кривични дела убиство од член 123, став два за што е предвидена казна затвор од 10 години до доживотна. До ден-денеска обвинетиот немаше дадено исказ пред обвинителството, но денеска на главната расправа во целост го призна кривичното дело за кое се товари. Сега оставаме на судот да ја одреди казната, изјави Гугучески.
На судскиот процес, обвинетиот Енвер Тоска ја призна вината и како што рече изразува жалење до семејството на убиениот. Адвокатот на обвинетиот Васко Георгиев вели дека сега дошло до признавање на вината поради цврстите докази на обинителството и дека обвинетиот ги почувствувал последиците од тоа што го направил.
-По оцената на сите материјални докази и на едно многу стручно изведено обвинение со обезбедувањето на доказите, немаше друга можност освен признавање на вина. Обвинетиот се согласи со тоа, бидејќи уште во текот на издржувањето на притворот ги почувствува последиците од неговото однесување и сметам дека тоа е пресудно кај него за да ја признае вината. Факт е дека тоа повеќе назад не може да се врати и како што реков при завршните зборови, обвинетиот ќе издржува две казни: едната е што ќе го мачи совеста целиот живот, а втората е затворската казна. Според казнениот законик е пропишано дека оној што ќе ја признае вината се дозволува ублажување на казната. Му се дава обврска на судот да ги цени сите околности, особено олеснителните, рече Георгиев.
Портпаролот на прилепскиот суд, судијата Жарко Велески нагласи дека судот го прифатил предлогот на обвинителството за притворот и ќе се чека судскиот совет да ја донесе пресудата.
-На денешната судска расправа обвинетиот Енвер Тоска го призна убиството, односно призна вина за кривичното дело со кое се товари. Петчлениот совет со кој заседаваше судијата Ѕвонко Младеноски се повлече за да донесе соодветна одлука. Во однос на мерката притвор, судскиот совет го прифати предлогот на јавното обвинителство и притворот на обвинетиот Тоска беше продолжен до започнувањето на издржувањето на казната затвор, изјави Велески.