Брзата ратификација на Протоколот за прием во НАТО во бугарскиот Парламент, е добар пример за тоа колку е силна поддршката на Бугарија и колку за нас е стратешки важно Северна Македонија да биде дел од Алијансата, изјави шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева по денешната средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров во Софија.
-Се надевам дека во декември во Лондон ќе бидете полноправен сојузник и оти дотогаш ќе заврши ратификацијата на Протоколот во сите национални парламенти. Важно е во јуни да ги почнете и преговорите за членство во ЕУ- изјави Захариева.
Таа искажа и задоволство од работата на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања, но и надеж дека ќе се интензивира и бизнис соработката меѓу двете земји.
Захариева рече дека по десетгодишен прекин, во почетокот на март ќе се состане заедничката економска комисија, чија главна тема ќе биде инфрастурата. Најави и бизнис форум со учество на над 100 бугарски компании.
– Треба да ја поправиме историската неправда на лошата инфраструктура што ја имаме меѓу двете држави, треба да го стимулираме бизнисот и граѓаните од двете земји да соработуваат, да се поврзуваат и да градат пријателство врз основа на вистината- рече Захариева. На бизнисот, додаде, „му е потребна нова инфраструктура бидејќи е грев 288 километри да поминувате за четири часа“.
Бугарската министерка за надворешни работи посочи дека интересот на бугарските компании за инвестиции во Северна Македонија е двојно зголемен, а очекува таквиот тренд да продолжи и во иднина.
Министерот Димитров оцени дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство направен е значаен напредок во соработката меѓу Скопје и Софија.
Приближувањето меѓу двете земји, вели Димитров, не треба да биде само политички, туку и економски. Тој изрази благодарност за бугарската поддршка за НАТО и ЕУ.
-Имаме интерес да бидеме многу блиски со Бугарија. Тоа е за обострана корист и затоа треба да покажеме мудрост и визија, реме министерот Димитров.
Според него, треба да се поправат сите историски грешки меѓу Бугарија и Северна Македонија за да може билатералните односи да се постават на здрави основи. Треба да направиме се, рече, двете земји да продолжат да бидат пријателски настроени.