По Грција, Словенија и Албанија, вчера и Парламентот на Република Бугарија го ратификува Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. За ратификацијата гласаа 140 пратеници, а против и воздражни немаше.
Министерка за надворешни работи на Бугарија Екатераина Захариева рече дека моментот на присоединување на Северна Македонија кон НАТО е историски за Алијансата и потенцира дека Бугарија го прифати ангажманот да работи на забрзување на процесот за евроатлантска интеграција на земјата, како и за внатрешни реформи, и за стабилизирање на регионот.
Претседателот на Собранието на Северна Македонија Талат Џафери по вчерашнат ратификација во Софија, оцени дека Бугарија покрај нас, е силна гаранција дека и ние како држава, но и целиот Балкански регион ќе се движиме во вистинската насока која носи мир, стабилнсот, напредок и благосостојба.
-Добро е да имаш искрени пријатели, но чувството е уште подобро кога се наши соседи- изјави Џафери.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја поздрави ратификацијата на догоговорот од страна бугарското Собрание и нагласи дека нашата држава влезе во клубот, во Алијансата, односно, како што рече, во клубот на држави кон кои сакаме да припаѓаме.
Таа нагласи дека најголемиот успех во однос на нашето членство во НАТО е што првите реакции и ратификации дојдоа од нашите соседи, нагласувајќи дека Словенија прва одлучи да почне со процедурата за ратификација уште пред нотификацијата, потоа следеа и другите соседни земји, а целиот процес вели, се одвива со брзина која изненади.
– Денеска Бугарија ја ратификуваше спогодбата, претходно тоа го направи Албанија. Во следната недела очекуваме тоа да го направи Романија. Практично сите земји во соседството беа први што рекоа дека не е ова важно за Северна Македонија, ова е важно за сите нас и ова е важно за регионот – рече Шекеринска и додаде дека се очекува денеска и унгарската Влада да ја почне ратификацијата и да ја заврши пред почетокот на европските избори.
Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски истакна дека со членството во НАТО станавме држава со предвидлива иднина, меѓународен легитимитет и дефинитивна потврда на границите.
Амбасадорите на 29 земји членки на Северно-атлантската алијанса на 6 февруари во Брисел го потпишаа Протоколот за членството во НАТО. По четирите земји кои досега го ратификуваа, се очекува тоа наскоро да го направат и останатите држави сојузници, со што Северна Македонија и официјално ќе стане 30 членка на НАТО.